Причини за ниска излезност на референдумот

Ако е многу ниска излезноста на референдумот тоа може да значи три работи: бојкот, незаинтересираност или лошо поставено прашање.

Кое од овие три работи важи за Македонија тоа треба самите да си одговорат, рече чешкиот претседател Милош Земан, на заедничката прес-конференција со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој престојува во дводневна официјална посета на Чешката Република.

 

Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, истакна дека не можеме слободно да ги интерпретираме Уставот и законите, а тие јасно кажуваат што е успешен, а што неуспешен референдум.

 

- Фактот е дека ние имаме неуспешен референдум. Која и да е друга интерпретација не може да ги промени бројките кои се фиксни и се знаат. Затоа јас повикав на одговорност. На сите што ја посетија Македонија, а имавме многу странски претставници кои во изминатиов период ја посетија Македонија, им укажував дека до ова ќе дојде. Затоа што не може Европската Унија и НАТО да биде алиби за лош и штетен договор. Не можете да прифаќате договор во кој постои одредба дека ќе се оди на референдум, а вие да не обезбедите национален консензус во државата. Не можете да прифатите промена на Уставот, без да обезбедите дво-третинско мнозинство во Парламентот. Затоа посочив дека за ова треба некој да одговара, а одговорноста се знае чија е. Што побргу дојдеме до одговорност, толку полесно можеме да го продолжиме овој процес кој е многу чувствителен, многу комплексен и кој ја држи Македонија веќе 27 години заложена од ирационални барања на нејзиниот јужен сосед, изјави македонскиот претседател.

 

Во однос на членството во НАТО и ЕУ, Иванов истакна дека Македонија е жртва на двојни стандарди и дека договорот со Грција не содржи гаранции дека истиот ќе се почитува од грчка страна и воедно потсети дека Грција не ја испочитува ниту Времената спогодба, ниту пак пресудата од Хаг.

 

- Во договорот нема гаранции. Тој договор е правен лично од премиерот, без да знае претседателот на државата. Ние како државен врв во Македонија сме изградиле национален консензус во изминатите години. Тоа било став и на претходните претседатели и во Собранието е донесена декларација во 2008-та. Ние прифаќаме решение, но никојпат не сме прифатиле промена на Уставот на Република Македонија за промена на уставното име, рече Иванов одговараји на новинарско прашање.

 

Прашан за коментар за договорот со Грција, Земан изјави дека не сака да се меша во внатрешните работи на Македонија, но ги повика двете страни да продолжат со преговорите.

 

- Тоа може да трае долго, но се надеваме дека овој спор ќе успеете да го решите, изјави Земан на прес конференцијата.

 

Двајцата претседатели разговарале и за можностите за продлабочување на соработката во сферата на безбедноста, при што Иванов се заблагодари за поддршката и помошта од Чешка за време на мигрантската и бегалската криза.

 

- Тоа е во интерес и на Чешката Република. Имајте во предвид дека одбраната на границата е важна не само за мигрантите кои минуваат. Денес веќе никој не одрекува дека меѓу мигрантите има и џихадисти и надворешни војници кои се враќаат во Европа. Јас го поддржувам правото на Македонија да си ги штити границите. Тие не се само нејзини граници, туку се граници на цела цивилизирана Европа, изјави претседателот Земан.

 

Двајцата претседатели на средбата разговараа и за унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.