Спасовски: Сузбиена криминална група што криумчарела мигранти
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 05 Октомври 2018
Во полициска акција вчера е сузбиена деветчлена криминална група која организирала криумчарење мигранти со фалсификувани патни исправи, а дејствувала на територијата на Македонија и на Албанија, соопшти попладнево на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
До Јавното обвинителство поднесена е кривична пријава за девет лица - за седуммина за организирање и поттикнување трговија со луѓе и криумчарење мигранти, додека за двајца за помагање на групата.
Акцијата на МВР била во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во соработка со Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Скопје, Европол, Селек, како и полициите на Албанија, Австрија, Шпанија и Бугарија.
- Криминалистичката истрага се спроведуваше во изминатите 18 месеци. Криминалната група од Македонија беше идентификувана како дел од меѓународно организирана криминална мрежа составена од соработници од Албанија, Бугарија, Шпанија, Домениканска Република, Хондурас, Гватемала и Мексико. Членовите на оваа криминална група организирале криумчарење на повеќе групи илегални мигранти со потекло од Албанија и Македонија со крајна дестинација САД и Канада, рече Спасовски.
Криумчарењето било организирано за лица кои не можеле да добијат виза за патување кон наведените дестинации по регуларен пат. Сумата што ја барале за патување по лице изнесувала од 20 до 25 илјади долари.
Извршени биле претреси во 12 објекти во Охрид, Струга, Дебар и Скопје, а лишени се од слобода седум лица. При претресите се пронајдени и привремено одземени поголема сума пари во различни валути, патнички возила „БМВ“ и „мерцедес“, пиштол, куршуми, мобилни телефони, СИМ-картички, четири австралиски патни исправи, копија од канадски пасош, апликации за канадски визи, гарантно писмо од Канада, белешки со контакт-информации и лични податоци од повеќе различни лица, уплатници за испорака на документи по брза пошта и разновидна банкарска документација.
До јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против девет лица И.М. (52) од с.Волино-Охрид, Б. В. (33) и А. Д. (39) од с. Делгожди, Струга, за сторени кривични дела „организирање група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“, З.Д. (48) и Г.Д. (46) од с.Делогожди, Струга, за „организирање група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“, Б.Б. (47) и Р. М. (54), двајцата од Дебар за „организирање група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“, Н. Ц. (39) и Г. К. (59), двајцата од Охрид, за „организирање група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“.
- Оваа криминална група врбувала лица - потенцијални мигранти, а потоа им обезбедувала фалсификувани документи за идентификација, им резервирала и купувала автобуски и авионски билети до одредени дестинации во Европа и земјите на Централна Америка, потоа резервација на соби во хотели во Шпанија, како и во Панама, Доминиканска Република, Хондурас, Гватемала, Мексико и други земји, рече Спасовски.
Организаторите на криминалната група ангажирале и лица кои ги прифаќале мигрантите и им обезбедувале дополнителни фалсификувани документи, особено за влез во Мексико, а го организирале и превозот и илегалното пренесување на мигрантите од Мексико до земјите на крајната дестинација - САД и Канада.
- Мигрантите биле криумчарени во групи од по двајца до четворица, со претходно договорен временски период во кој се предвидувало да се реализира целосната организација на криумчарењето, рутата по која ќе тоа биде реализирано, локациите на кои во текот на криумчарењето мигрантите времено ќе престојуваат, односно ќе се засолнуваат, како и начинот на исплата на договорениот паричен износ, информираше министерот Спасовски.
Криминалната група од Македонија во содејство со соработниците од Албанија во периодот од април 2017 година до март 2018 година, успеала да прокриумчари околу 50 лица мигранти кон САД, со што се стекнале со противправна имотна корист во износ од околу милион американски долари.
Според министерот Спасовски, ваквите акции ја покажуваат решителноста на МВР да се справи со секаков облик на сериозен и организиран криминал кој нанесува штета на безбедноста во државите, но претставува и потенцијален извор за финансирање различни кривични активности кои носат безбедносни закани.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс