„Влијанието“ на Груевски и донесе шест години затвор на Јанкулоска

Поранешната министерка Гордана Jанкулоска со умисла го поттикнала сега осудениот Ѓоко Поповски да стори кривично дело да набават возило за осудениот Никола Груевски.

Возилото е набавено откако бил објавен оглас за јавна набавка, во која се фаворизира економскиот оператор Мак Аутостар, при што биле напишани технички спецификации кои се однесуваат за Мерцедесот, што е спротивно на Законот за јавни набавки. Согласно чл.36 од наведениот закон, договорниот орган не смее да дефинира технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство, изведба, определен процес или трговски марки, патенти, видови...

Ова денеска беше истакнато во пресудата во случајот „Тенк“ за која судијата Добрила Кацрска ја осуди Јанкулоска на шест години затвор. Образложувајќи ја пресудата, таа рече дека иако постојат повеќе оператори кои можеле да конкурираат за набавка на такво возило, сепак обвинетите изготвиле техничка документација која го фаворизира мерцедесот за кој во аудио разговорите од „бомбите“ се слушна како Груевски и кажува на јанкуловска да го набават возилото на „М“.

- Точно е дека постоеле и други производители освен Мерцедес, БМВ и Ауди кои имаат лимузини со 12 цилиндричен мотор и тоа Бентли и Астон Мартин, но истите не биле блиндирани, па така со VR6/VR7 заштита биле само Мерцедес С 600 Гард, Ауди А8 L6.3 Quatro Security и BMW 760 LI High Security F 03, но тука не застанува прилагодувањето на техничките спецификации туку барано е трансмисија со фиксно 5 брзини при што треба да се цени фактот дека за да се овозможи конкурентност би требало да стои со најмалку пет брзини бидејќи конкурентните модели имаат трансмисија со осум брзини. Од друга страна пак, силата на моторот е дадена со распон од 370-390 киловати, а во овој распон влегува само 380 киловати што ги имал Мерцедес со оглед да Ауди имал 368 киловати, а БМВ 400 киловати. Конкурентните Ауди и БМВ не ги исполнувале ниту барањата дадени во техничките спецификации во делот за распони за зафатнината на моторот и вртежниот момент кои што така како што се наведени може само Мерцедес да се вклопи во истите. Патничкото моторно возило Мерцедес има погон на задни тркала како и БМВ, а Ауди и во овој дел не ги исполнуваат техничките спецификации. Сето ова зборува за јасно фаворизирање на марката Мерцедес, односно сите овие технички спецификации од тендерската документација се идентични со текстот од понудата на Мак Аутостар, се наведува во пресудата.

Во поглед на аудио снимките кои се користеа како докази за кои одбраната во повеќе наврати истакнуваше дека се стекнати на незаконит начин и дека судот не смее да ги прифати како доказ и од причина што дури и Европскиот суд за човекови права се произнел, Кацарска рече дека судот смета дека ваквите наводи на одбраната се неосновани и дека за ова се произнел и Апелацискиот суд Скопје со своја одлука.

- Судот смета дека со дејствијата што ги презела обвинетата Гордана Јанкулоска целосно се исполнети битните елементи на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Според класичната казнено правна концепција, овие инкриминации се насочени против државниот интерес за неприкосновеноста на овластувањата на државните службеници како и за заштита на довербата во правилното исполнување на службените должности, истакна Кацарска.

Во однос на наводите на Јанкулоска дека оваа постапка се одвивала мошне брзо, Кацарска рече дека судот имал предвид  дека Европскиот суд за човекови права дава голема тежина на правото на судење во разумен рок. Појаснува дека правото на судење во разумен рок од Европската Конвенција за човекови права е предвидено во чл.6 ст.1 како дел од еден поширок концепт на правично судење според кој: „ Секој при определувањето на неговите граѓански права, слободи и обврски или кога е кривично гонет има право на судење во разумен рок“. Кацарска смета дека оттука произлегува дека во интерес на обвинетата е постапката да трае колку е можно пократко.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.