Власта очекува обединување со опозицијата за нацрт-амандманите

Откако Собранието на Република Македонија во петокот доцна вечерта ја донесе одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа, течат и петнаесетте дена, колку што Владата, како предлагач на уставните измени, има рок да достави нацрт-амандмани на Уставот до Собранието.

 

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека нема против во уставните амандмани да се внесат барањата на неколкутемина пратеници од опозицијата кои гласа „за“ во петокот. Според него, тие барања не отстапуваат од Договорот склучен со Грција.

 

Заев потсети дека за време на јавната дебата, им ветил на пратениците оти ќе има инклузивен процес, каде што од Владата ќе дојдат во Парламентот со „скицираните очекувања од самите амандмани согласно договорот од Преспа“, и како што рече, ќе седнат заедно власта и со опозицијата, скицираните и да ги направат нацрт-амандмани.

 

– Ќе седнеме заедно да ги скицираме нацрт амандманите. Веруваме дека можеме тоа да го сториме за помалку од 15 дена со цел да скратиме. Верувам дека во рамки на тие 15 дена ќе можеме навистина да се усогласиме и очекувам да расте мнозинството за поддршка. Како ќе ги отвораме амандманите така се повеќе ќе се потврдува дека нема ништо болно, тешко или скриено. Сите овие амандмани допрва ќе не фузираат и обединат, рече Заев.

 

На прашањето дали се прифатливи барањата од пратениците од опозцијата, Заев нагласи дека имал прилика да види четири точки и истите ги прочитал многу внимателно.

 

Тој уште еднаш повика преку инклузивен процес надвор од политичките определби, власта и опозицијата да седнат заедно и да ги дефинираат точно уставните амандмани и заедно да го поддржат, како што рече, овој важен процес за РМ, што конечно ќе ја обезбеди сигурноста, безбедноста, стабилноста  и економскиот раст и развој на Македонија.

 

– Верувам дека таа бројка ќе биде многу поголема. Не случајно го зборувам тоа затоа што многу повеќе пратеници сакаат да се придружат. Уште еднаш ја испраќам пораката, повтори Заев.

 

И вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска рече дека Владата ќе се обиде и порано од предвидените 15 дена да ја заврши задачата со нацрт-амандманите. На прашање дали ќе бидат пет амандмани, рече дека не сака да прејудицира зашто тоа ќе значи дека Владата повторно го води главниот збор.

 

Во Собранието на Македонија се очекува од денеска да почне постапка и за формирање тело за помирување, едно од четирите барања што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставни измени го доставија до Парламентот.

 

Со гласањето во Собранието во петокот, заврши првата фаза од измените на Уставот. Во втората треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас во Собранието. Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.