Загадувањето го намалува просечниот животен век за речиси 2 години

Загадувањето на воздухот е предизвикувач на голем број заболувања или едноставно кажано, загадениот воздух стана најголемиот убиец. Извештајот на Светската здравствена организација покажа дека загадувањето на воздухот убива околу 7 милиони луѓе годишно, предизвикано од загадувачки материи што ги иритираат белите дробови и срцето.

 

Анализа на квалитетот на воздухот од Институтот за енергетска политика на Универзитетот во Чикаго открива дека токму загадувањето на воздухот ќе го намали просечниот животен век за речиси 2 години, а во земјите каде што загадувањето на воздухот е особено лошо, како Индија и Кина, оваа бројка достигнува шест години.


Анализата ја носи пораката дека загадувањето на воздухот може да влијае врз секого и може да има реални последици врз нашето здравје.

 

Пушењето се најде на второ место, земајќи 1,6 година од просечниот животен век. Конфликтот и тероризмот земаат 22 дена, додека најсмртоностните заразни болести, како туберкулозата, во просек го намалуваат животниот век за само четири месеци.


Анализата на Институтот за енергетска политика заклучи дека производството на енергија е најголемата причина за загадувањето. Најмногу загрижуваат и дизел-моторите, електричните централи на јаглен и палењето јаглен во затворен простор.


Македонија се соочува со енормно загаден воздух, а тоа во одредени делови на државата може да се спореди со пушење цигари.  Сите кои дишеме загаден воздух, исто како да пушиме по неколку цигари дневно. 

 

„Без разлика дали сме пушачи или не, дишејќи го загадениот воздух во делови од земјава ни следуваат по седум цигари дневно“, ова го изјави Борис Секирарски, метеоролог при Управата за хидрометеоролошки работи.

 

Додека властите преземаат по неколку краткорочни мерки, кои реално и слабо го даваат резултатот, граѓаните се обидуваат сами на некој начин да се заштитат од загадениот воздух. Па така за во домот купуваат прочистувачи на воздух, а кога ќе излезат надвор користат маски. Најбарани се оние кои го прочистуваат воздухот и ги задржуваат ПМ10 честичките. Нивната цена се движи од 200 до 899 денари.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.