Аерозагадувањето подмолен убиец кој не прави селекција
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 27 Ноември 2018
Аерозагадувањето е подмолен убиец кој зема многу повеќе жртви од која било друга природна катастрофа и потребно е веднаш да се преземат итни мерки за да се спречи тоа.
Борбата против загадувањето на воздухот да не се сведе на партиски препукувања и мора да се постигне општествен и национален консензус по тоа прашање. Потребно е да се лоцираат вистинските извори на загадувањето за да се применат соодветни мерки, за Македонија да не биде на врвот на листата на најзагадени држави во Европа, како и во светот.
Ова беа заклучоците од јавната расправа на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, на која се дискутираше за загадувањето на амбиенталниот воздух, по предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека откако дошол на градоначалничката фунцкија, наследил запуштен град без концепт за решавање на проблемот со загадувањето.
Шилегов рече дека 53 отсто од загадувањето на воздухот произлегува од неорганизираното затоплување на домовите на граѓаните во Скопје, при што, како што рече, 70.000 домаќинства се надвор од организираниот систем на греење, 22 отсто од загадувањето на воздухот е предизвикано од сообраќајот, додека останатото е индустриската и градежната активност.
– Градот Скопје има обврска да спроведува инспекциски надзор, кој се загадува. Градот имаше само тројца инспектори кога дојдов лани, а сега има 18. Немаше инспекциски надзор во Скопје, се сведуваше редарите да пијат кафе во кафулињата низ Скопје. Сега секој редар во град Скопје има ГПС каде се движи. Имаше 19 обезбедувачи и 11 возачи, и нормално со таков потенцијал градот не може да обезбеди механизам на надзор, рече Шилегов.
Во моментот, додаде тој, Градот подготвува 12 кривични пријави за диви отпади, а во изработка е и закон за комунална полиција, при што планирано е да се вработат 150-200 комунални полицацајци, кои ќе имаат ингеренции какви што ќе одлучат во Собранието при изгласување на законот, а ќе се движат од погрешно паркирање до фрлање отпад.
– Очекувам да ја извадиме политиката од проблемот, бидејќи овој проблем не можеме заради политички цели да го решаваме. Овој проблем можеме да го решиме ако имаме консензус за тоа, оцени тој.
Во врска со еколошкото мапирање на возилата, и за обвинувањата дека со тоа ќе се загрозат граѓаните и нивното движење, рече дека во борбата против загадувањето ако не се направи општествен амбиент и да прифатиме дека секој од нас е дел од проблемот, и оти секој од нас мора да биде дел од решението, откажувајќи се од своите секојдневни навики, нема да успееме во таа борба и оти луѓето мора да сфатат дека мора да сменат дел од сопствените навики на живеење.
Шилегов, за кандидатурата на Скопје за зелена престолнина, рече оти апликацијата мери 12 показатели – ублажување на климатски промени, приспособување на климатски промени, одржлива урбана мобилност, одржлива употреба на земјиште, природа и биодиверзитет, квалитет на воздух, бучава, отпад, зелени површини, еко иновации…
– Стручната јавност во ЕК кажа дека Град Скопје има добра стратегија и оти е можно во 2021 година да ја освоиме таа награда, рече Шилегов, додавајќи дека Скопје е прв град што поминал таков скрининг во Европската комисија.
Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина, рече дека податоците оти Македонија е најзагадена држава се однесуваат на 2015 и 2016 година. Посочи дека е штетно да се создава паника меѓу населението во однос на загадувањето, посочувајќи го примерот од неодамна кога мерната станица во Ѓорче Петров покажувала 1.990 пм честички на метар кубен, што очигледно како што рече, се работи за грешка.
– Толку високи мерења при таква временска дистанца се сигурна грешка или статистички нерелевантни. На 2.000 микрограми при метар кубен, нема да шетаат живи луѓе наоколу. Кој е тој што и го отвора патот на паника во Македонија. Нам не ни е потртебна паника меѓу населението. Не постои земја-членка на Еу што користи нискобуџетни сензори за државно мерење и градење политика, и затоа се скапи, оцени тој.
Рече дека годишно се трошат 1,1 милиони кубни метри дрва за затоплување во земјата, а за загадувањето на воздхуот придонесуваат и неконтролираните градби во општините. Истакна и дека буџетот во Министерството за животна средина од 393 милиони на крајот на 2016 година, сега изнесува 550 милиони евра, наменет за различни програми.
Наведе некои точки од планот за чист возгух, меѓу кои нови 10.000 приклучоци на парно греење, 20.000 домаќинства да го сменат затоплувањето на еколошко, 15.000 нови садници, како и 1.700 садници во сите градинки во Скопје.
– Борбата против загадувањето не трпи полулизам. Апелирам на заедничка акција и да се укаже на свеста на луѓето, дека начинот на загревање најмногу им штети на нивните деца. Затоа заедно да ги предложиме законите кои се строги, но кои носат решенија, додаде тој.
Посочи оти и кога нема да биде на оваа функција постојано ќе се бори за овој план, бидејќи како што рече е реален, кредибилен, изработен со академската заедница, и со граѓанските организации и ќе донесе резултат.
– Ја прифаќам бико која критика, свесен сум за одговорноста и секоја критика, само немојте да ме убедувате дека некој друг може повеќе да ја сака ќерка ми од мене. Затоа воздухот, бидејќи е ист, ви гарантирам ќе биде чист, заклучи Макрадули.
Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е скандалозно само 750.000 евра од, како што рече, досега најголемиот буџет во историјата на РМ, да се одвојат на борба против амбиенталниот воздух, додека трошењата за стоки и услуги се зголемени за 200 милиони евра, и сега ќе изнесуваат 750 милиони евра.
– Борбата против загадувањето се редуцираше само на 18 мерни станици, министерот за екологија со месеци и години не дал изјава, а Куманово, Скопје и Тетово и натаму остануваат најзагадени градови во земјава, рече Ѓорчев.
Оцени дека е поразителен податокот дека Македонија е најзагадена држава во Европа, наспроти сите ветувања пред изборите, што ги дала сегашната гарнитура на власт.
Активистката за заштита на животната средина од Пробиштип, Светлана Станојковска, поосоичи дека поради загадувањето од тешката индустрија во градот, секој втор жител е заболен од некакво канцерогено заболување. Побара одговор од Владата зошто челичарницата дозволила сега да се гради, и покрај тоа што градбата била претходно забранета, за која откриле дека е оф шор фирма регистрирана на Девствените острови.
– Ние немаме урбана мафија како Скопје, ама имаме Г1 загадувачка индустрија. Немаме софистициран мерен инструмент за да знаеме што не загадува, но знаеме колку тоа влијаело на нашето здравје по тоа што секој втор граѓанин е заболен од канцер. Значи половина од пробиштипските жители се овде во Скопје на онкологија. Тоа е резултат на Г1 загадувачката индустрија која ја имаме во Пробиштип. Имаме флотација во сред град, фабрика за акумулатори која има топилница за старо олово. Имаме челичарница која се гради, како и рудници за отворен коп на простор од два километри како се шири градот така се шири и индустријата и тоа високозагадувачката, рече Стојановска.
Апелираше на итно носење на Законот за почви и на Законот за минерални суровини, повикувајќи или цел град да се исели, или да се дислоцира тешката индустрија. Додаде оти јапонска организација направила студија за загадувањето на градот, што била толку поразителна оти никој сега не сака да разговара за тоа.
Стојан Нешоски од невладината Екосвест, рече дека еден милион евра за загадувањето не се доволни. – Само 15 милиони евра, се собираат од регистрациите на возилата, посочи Нешоски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс