Власта и опозицијата без договор за СЈО, нов обид в петок

Работните групи на власта и опозицијата на вчерашната прва средба не постигнаа согласност околу предлог-законот за Јавното обвинителство со кој се решава и статусот на Специјалното јавното обвинителство.

 

Министерката за правда Рената Дескоска, која ја предводи работната група на власта, по средбата рече дека за нив е неприфатливо барањето СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал, ниту прекинувањето на истрагите и обвиненијата.

 

– Имавме долга средба со претставниците на ВМРО ДПМНЕ со коишто разговаравме околу Законот за Јавното обвинителство. Клучните разлики се однесуваат на СЈО. Разговаравме член по член, го претресовме целиот закон и ако на другите членови можевме да најдеме заеднички јазик, суштинските разлики останаа во делот на СЈО. Барањето коешто го доставија, СЈО да биде дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а не посебно обвинителство е прашање коешто реално не може да биде прифатено, од причина што една од стратешките определби е дека СЈО треба да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство, рече Дескоска.

 

Друга клучна разлика е разликата околу судбинатата на истраги кои се во тек од страна на СЈО, предистражни постапки и обвиненија што се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите.

 

Според Дескоска, барање за прекинување на овие постапки и потоа нивно, ако треба, одново отпочнување, значи на некој начин губење на голем број докази што би биле сериозни докази во постапки. Со тоа има опасност од неуспешно завршување на многу постапки, а со тоа и амнестирање.

 

За опозицијата, пак, неприфатливо СЈО да не одговара пред никого и само да создава буџет, кој никој од надвор нема да го контролира.

 

Менкиноски кој е претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тие се залагаат СЈО да биде одделение во јавното обвинителство за организиран криминал.

 

-Овој закон навистина има потреба од амандмани за подобрување на работата на јавното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање. Сметаме дека СЈО треба да биде одделение во јавното обвинителство за организиран криминал. Не се прифатливи одредбите СЈО да не одговара пред никого и сам да си го создава буџетот“, рече Менкиноски.

 

Тој најави дека до четврток ќе ги достават нивните амандмани на законот.

 

Двете страни се договориле уште еднаш да ги разгледаат изнесените аргументи, да се преиспитаат ставовите и ако евентуално има одредени поместувања, повторно да се состанат в петок.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.