
Средба Џафери – Радев
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 12 Мај 2019

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска имаше кратка протоколарна средба со бугарскиот претседател Румен Радев, кој присуствуваше на инаугурацијата на новиот претседател на државата Стево Пендаровски.
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Џафери, тој му посакал добредојде на гостинот и се заблагодарил за присуството на инаугурацијата, со што уште еднаш се покажа на дело дека односите меѓу двете соседни земји се позитивни, и секако треба да продолжат во таа насока.
Според Џафери, присуството на првите соседи на овој свечен чин за нашата земја е и одлична порака до меѓународната заедница, до Европската Унија и регионот дека во регионот сме детерминирани да го оставиме минатото зад нас.
Претседателот на Собранието Џафери се заблагодарил и за поддршката што Република Бугарија ја дава во насока на нашето пристапување во НАТО и ЕУ и изрази надеж дека во јуни ќе добиеме зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, имајќи предвид дека сиот потенцијал е ангажиран во исполнување на европската агенда и потребните реформи.
Како што се посочува во соопштението, бугарскиот претседател Радев изразил задоволство што бил присутен на инаугурацијата и од можноста да се сретне повторно со Џафери, а потоа и со новоизбраниот претседател Пендаровски. Потврди дека односите меѓу двете земји се одлични и искажа готовност тие да продолжат, да се интензивираат, дури и да станат секојдневна практика.
-Потребни сме си едни на друг затоа што проблемите ни се заеднички, не се изолирани. Се разбира, покрај институционалната соработка, најбитно е инфраструктурното поврзување и затоа е потребно да се забрза железничкото поврзување меѓу двете земји, како единствени на Балканот што не се поврзани на тој начин и се разбира Коридорот 8, рекол Радев, како што се наведува во соопштението.
Бугарскиот претседател ги понудил сите расположливи ресурси за што е можна подобра соработка во сите полиња, безбедноста, военото образование, културата, образованието, а пред се во насока на пристапувањето, бидејќи отворањето на Поглавјата со ЕУ не е воопшто лесен процес.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
