Груевски тврди дека не избегал во багажник

Поранешниот премиер Никола Груевски тврди дека од државава не избегал влегувајќи во багажник од автомобил.

 

 

Груевски, на кого Собранието на почетокот на неделата му ја  констатираше оставката од функцијата пратеник, на својот ФБ профил, напиша дека никогаш не му паднало на памет да влегува во багажник за какви било цели.

 

-Јас знам дека во животот напамет не ми паднало да влегувам во багажник за било какви цели. Вистината ја знае и Заев. Заминав бидејќи во Македонија се водеа политички мотивирани процеси против мене во кои што однапред се знаеја пресудите нарачани од него лично, иако не постоеја никакви правни аргументи, никакво сторено кривично дело а според тоа ни докази. Заминав бидејќи во затворот ми подготвуваа линч. Вистината е дека заминав многу лесно и едноставно, а тој пред некој ден потроши четвртина од емисијата за отчет говорејќи за мене и како сум заминал, со лажење и фантазирање. Па потоа почна да го лаже и светот преку меѓународните медиуми, напиша Груевски на неговиот профил на социјалната мрежа.

 

Премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг" изјави дека се знае како Груевски избегал од земјата.

 

– Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило, рече премиерот Заев.

 

Тој во интервјуто првпат откри детали од бегството на Груевски за кои досега се шпекулираше во јавноста. Од Обвинителството не ги потврдуваат тие информации. Заев тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.

 

Груевски избега во Унгарија откако беше осуден на казна затвор за случајот со набавката на луксузниот мерцедес.  Тој таму доби политички азил.

 




Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.