Лидерот на ИСИС Багдади кој се сметаше за мртов се појави на аудиоснимка

Абу Бакр ал-Багдади

Иако руската војска во јуни објави дека го убила лидерот на Исламска држава Абу Бакр ал-Багдади, вчера беше објавена аудиоснимка што, по сè изгледа, докажува дека тој сè уште е жив. Лидерот на Исламска држава Абу Бакр ал-Багдади во аудиоснимка објавена во четвртокот ги повика своите соборци што се потиснати во Сирија и во Ирак да му „се спротивстават“ на непријателот.


„Лидерите и војниците на исламските земји се свесни дека за Божјата милост и за победата мора да се изборат со трпение и со давање отпор кон неверниците, без оглед на нивните сојузништва“, рече лидерот на ИСИС.


Не е познато кога е снимен овој говор, кој го објави Ал Форукан, „продукциската куќа“ на ИСИС, која објавува аудио- и видеоснимки на џихадистичките организации.


„Не се важни бројноста, опремата и силата на непријателот“, вели лидерот на ИСИС, кого веќе неколку пати го прогласуваа за мртов од 2014 година, кога почна подемот на оваа група, но тие гласини не беа потврдени.


Ал Багдади во говорот ги напаѓа „неверничките земји, пред сè САД, Русија и Иран“, кои со своите сојузници на теренот одделно водат офанзиви против оваа ултрарадикална група, нанесувајќи ѝ низа порази во Сирија и во Ирак. Како што објави АП претходно, снимката е објавена по зголемувањето на шпекулациите околу судбината на Ал-Багдади откако Исламска држава изгуби поголем дел од територијата што ја контролираше во Ирак и Сирија. Командантот на американските сили што се борат против Исламска држава во Ирак и Сирија, полковникот Стивен Таунсенд, месецов изјави дека верува дека главниот лидер на екстремистите, Абу Бакр ал-Багдади, е жив.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.