100 илјади луѓе се евакуираат поради активност на Вулкан во Индонезија

Активен вулкан во Индонезија

Локалните власти на индонезискиот остров Бали наложиле евакуација на 100 илјади граѓани и го подигнале нивото на тревога на максимално, поради активноста на вулканот Агунг, кој со денови исфрла пепел. Од таму додаваат дека се почувствувале земјотреси на планината, додека вулканот исфрла пепел и до 4 илјади метри во височина.

 

„Бараме од луѓето во зоната на опасност веднаш да се евакуираат, бидејќи постои можност од поголема ерупција“, соопштил Сутопо Пурво Нугрохо, портпаролот на Агенцијата за кризни ситуации на Индонезија.

 

Скоро 40.000 жители се веќе евакуирани од вторникот, кога се засилиле вулканските активности, но властите посочуваат дека зоната, која потенцијално може да биде загрозена, е проширена на 8 до 10 километри во радиус, територија на која живеат 100 илјади луѓе.

 

Меѓународниот аеродром на Бали, низ кој годишно поминуваат неколку милиони туристи, е затворен поради претпазливост. Националната служба за вонредни ситуации соопштила дека вулканот продолжува да исфрла пепел, со повремени многу силни експлозивни ерупции. Агунг, кој се наоѓа на 75 километри од туристичкиот град Кута, е активиран од август.

 

Во последната голема ерупција на вулканот во 1963 година загинале 1.600 луѓе. Индонезија, која има скоро 120 вулкани, се наоѓа на таканаречениот „огнен појас“ во Пацификот, каде судирите на тектонските плочи предизвикуваат чести земјотреси и голема вулканска активност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.