ПРОДОЛЖУВА: „Катимерини" објави стенограми од лидерските средби во Македонија
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 02 Октомври 2018
На втората лидерска средба на 19 мај, според објавеното во „Катимерини“, Република Илинденска Македонија е предлогот што е на маса, а разговорите се околу средбите на премиерите Заев и Ципрас во Софија и на шефот на македонската дипломатија со неговиот грчки колега и медијаторот Нимиц во Сунио, јави дописничката на МИА од Атина.
Лидерската средба во мај, според „Катимерини“, започнала со Димитров, кој објаснил што се случувало во Сунио на средбата со Коѕијас и Нимиц. Тогаш, Грција направила значајна отстапка, бидејќи грчката влада била подготвена да признае македонски јазик, а државјанството да биде македонско/граѓанин на Република Илинденска Македонија.
-Во однос на идентитетот се договоривме уште од првиот круг преговори. Процесот заглави во следните рунди (три) во спектарот на употреба (ерга омес), вели Димитров
Тој објаснува дека во Сунио имале тешки преговори и две полувремиња. Првото било многу тешко, а бил присутен и Нимиц. Во второто останале сами, тој и Коѕијас и се обидувале како партнери да најдат креативно решение.
-Таму доаѓа предлогот за Република Илинденска Македонија со превод на сите јазици и државјанство македонско. Коѕијас рече дека тоа им е доволно, тоа е доволно разграничување меѓу нивната и нашата Македонија, велиДимитров
На истата средба било најдено решение и за употребата на кратенките МК и МКД.
Во продолжение на лидерската, според „Катимерини“, Димитров на присутните им објаснил дека треба да се направат уставни измени со преоден период за документите и додал дека ако не се постигне сега решение, на власт одново ќе дојде Нова демократија, а таму преовладуваат цврстите позиции околу групата на Самарас, што значи дека можностите за компромис и изнаоѓање решение значително ќе се ограничат.
Димитров, предупредил и дека постојат сили кои работат против изнаоѓање решение.
Премиерот пак, на присутните на лидерската, според она што го објавува грчкиот весник, говори за средбите со Ципрас во Софија (16 и 17 мај). И тој ги споменува дека и во двете земји, но повеќе во Грција, постои вмешаност на источни земји, на кои не им е во интерес да се најде решение.
Во однос на средбата со грчкиот премиер, Заев коментира дека Ципрас сака и е решен да се реши проблемот.
Според Заев, Ципрас рекол дека решението е праведно, бидејќи содржи сложено име, јасно разграничување меѓу грчката Македонија и Република Македонија и е за општа употреба (ерга омнес)
-На Ципрас му е јасно дека за нас е многу тешко да го смениме нашето уставно име. Ако не постојат уставни измени, нема да може да формира парламентарно мнозинство, а тоа нема да дојде од гласови на Каменос, туку од Река. Тоа би довело до избори. Од Нова демократија не очекува никаква поддршка бидејќи на северот од земјата води битка за гласови со Каменос, рекол Заев.
Премиерот споменува дека во Брисел имал средба со европратеничката и портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки, која му пренела поздрав од Мицотакис и рекла дека многу е важно како ќе се однесуваат гласачите во грчката Македонија, а се ќе зависи од Каменос.
На состанокот, Иванов го поставил прашањето зошто владата го крие договорот од претседателот.
Во дијалог меѓу Заев и Мицковски, лидерот на ВМРО вели дека нема никаква слика за процесот на преговори, бидејќи не се дел од преговорите и дека треба да започне дискусија во внатрешноста на партијата, бидејќи ВМРО не е хор, на што Заев му одговорил дека и тие не се хор и дека и тој ќе започне внатре-партиска дискусија.
Премиерот, на крај, според „Катимерини“, соопштува дека договорот ќе се потпише со Ципрас во Преспа.
Во посебен текст, под наслов „Интензивна загриженост во однос на одржувањето референдум“, „Катимерини“, ја пренесува дискусијата меѓу Ѓорге Иванов, Зоран Заев, Никола Димитров, Христијан Мицковски, Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Александар Николовски, Артан Груби, Александар Николовски и Борис Јосифовски.
Присутните разговараат околу тоа кога би се одржал референдумот, Мицковски вели дека ако биде на есен, нема да ни дозволат да станеме членки на НАТО, Димитров одговара дека веднаш по ратификацијата ќе пратат писмо до НАТО во кое ќе бараат да ни се прати покана, а веројатно ова се однесува на Грција. Заев додава дека Ципрас му ветил дека ќе разговара со Макрон за датум за преговори.
Разговорот во продолжение се води околу тоа кога би се одржал референдумот, а Мицковски прашува дали прашањето е „се согласувате со промена на Уставот, да се смени името во Република Илинденска Македонија?“
Османи вели дека постои загриженост околу референдумот и споменува кои се опасностите од негово одржување.
-Може да се создаде притисок од публицитетот и да стане прашање во секојдневната политика. Ова може да го стави во опасност процесот. Второ, референдумите во последно време се цел на операции на трети фактори, вели Османи.
Мицковски му одговарил дека ставот на ДУИ од почеток бил против референдум, но дека го почитува тоа.
-Јас и ВМРО, но и владата се поставивме за референдум, вели Мицковски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс