Русија: Можен е граѓански судир во цела Украина, ОН да обрне внимание

Москва е загрижена дека во цела Украина би можел да избувне граѓански судир по прогласувањето воена состојба и ги повика ОН, ОБСЕ, Советот на Европа и други меѓународни организации да обрнат внимание на кршењето на човековите права во земјата.

 

– На украинската армија и се доделени ексклузивни овластувања, вклучувајќи и вонсудска употреба на сила, што претставува сериозна опасност, затоа што граѓански судир би можел да ја проголта целата земја, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова говорејќи и за прогласувањето воена состојба во 10 украински региони.

 

Според неа, законот со кој е прогласена воената состојва заради одвраќање на „руска агресија" наложува ограничувања на основните човекови права и слободи, вклучувајќи и слобода на изразување, собирање и движење.

 

– Властите во Киев сега можат да запленат што сакаат од луѓето во земјата, од приватна сопственост до лични документи, укажа Захарова.

 

Таа пренесе дека Москва ги повикува меѓународните организации да обрнат внимание на кршењето на човековите права во Украина кои произлегуваат од прогласувањето воена состојба.

 

– Развојот на настаните во Украина го сметаме за уште еден алармантен знак дека земјата продолжува по патот на судири. Ги повикуваме ОН, ОБСЕ, Советот на Европа и други меѓународни организации да обрнат внимание на опасноста од сценарија засновани на употреба на сила и лоша ситуација кога станува збор за човекови права во Украина, истакна Захарова.

 

 

Таа исто така ги предупреди „западните заштитници на Украина" дека идејата на украинскиот претседател Петро Порошенко за воведување воена состојба е многу опасна.

– Додека очајнички се обидува да остане на власт, тој ја вовлекува земјата во уште една шема пропратена со катастрофални последици по Украина, како и по европската безбедност, рече портпаролката на руското МНР.

Захарова заклучи дека дека воената состојба ги загрозува претежно русофоните региони, во кои повеќето луѓе, според анкетите, никогаш не ја поддржувале сегашната власт.

Од 28 ноември во 10 региони на Украина во сила е 30-дневна воена состојба откако руските сили на 25 ноември запленија три бродови на украинската морнарица во Керченскиот Теснец, меѓу Црното и Азовското Море, со образложение дека нелегално влегле во руски територијални води. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.