Се почести злоупотребите на профилите на Фејсбук и Инстаграм

Злоупотреби на социјалните мрежи

И покрај долгогодишните предупредувања и напори за едуцирање на граѓаните да внимаваат каде и како да ги оставаат своите лични податоци, особено на интернет, најбројни се претставките за злоупотреби на социјалните мрежи, особено на Фејсбук за креирање лажни или за хакирани профили. 


Од Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) истакнуваат дека постојано се зголемува јавната свест кај граѓаните за злоупотреба на личните податоци и дека доказ за тоа е бројката на претставки за правото на приватност. Сепак, кога станува збор за Фејсбук тоа не е случај и во тој дел јавната свест е незначително променета. 


До средината на ноември 2017 година до ДЗЛП пристигнале 334 претставки од кои 96 за злоупотреба на лични податоци на Фејсбук и 28 за Инстаграм. Причина за незначителното зголемување на јавната свест во врска со оставањето податоци на Фејсбук, посочуваат од Дирекцијата, е постојаното креирање нови профили на оваа социјална мрежа, особено од деца на 13 - 14-годишна возраст и други лица кои првпат креираат профил на социјалните мрежи. Предупредуваат дека повозрасните нови корисници на Фејсбук или другите социјални мрежи имаат помалку знаења за тоа како да ги заштитат своите податоци во споредба со тинејџерите, кои живеат во дигитален свет. 


До ДЗЛП има претставки и за видеа објавувани на Јутјуб, но и на најпознатите интернет канали за возрасни, како Порнхаб, и други вакви канали. Најчесто, како што појаснуваат, се работи за приватни видеа што подоцна, поради одредени причини, се злоупотребени и ставени на овие порно канали. Претставки за вакви видеа има во последните неколку години. 


До ДЗЛП, пак, во 2016 година биле поднесени 359 претставки и повторно најмногу за лажни профили на Фејсбук (145) и за хакирани профили (33). Од годишните извештаите на оваа институција за поднесените барања и претставки се гледа дека имало и лажни профили креирани од деца. 


Бројот на претставките расте од година во година, па така во 2009 биле поднесени 95 претставки, во 2010-192, во 2011-363, во 2012-385, во 2013-404, во 2014-371, во 2015-393, а во 2016-359. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.