"Среќна и безбедна 2018 година" - кампања за намалување на употреба на пиротехнички средства

"Среќна и безбедна 2018 година"

Општина Аеродром, Црвениот крст на Град Скопје и Одделението за превенција при СВР Скопје денеска ја почнаа кампањата "Среќна и безбедна 2018 година- во семејно и пријателско дружење". Пред ТЦ Бисер беше изведена симулациска вежба на повреди од пиротехнички средства и давање помош. Како што информираше градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин вакви симулациски вежби ќе бидат изведени во сите основни училишта низ општината.


Главниот инспектор во СВР Скопје Ристо Јовановски смета дека со континуирани кампањи ќе се намали купувањето и употребата на пиротехнички средства во пресрет на новогодишните празници. Како што информираше Јовановски светските статистики говорат дека во пресрет на новогодишните празници има настрадани лица, од 180.000 до 200.000 на светско ниво.


Во рамки на кампањата учениците од три основни училишта во општина Аеродром, "Лазо Ангеловски", "Љубен Лапе" и "Ѓорѓија Пулевски" изработија графити и цртежи на тема "Петардите не се играчки", кои се изложени пред платото на ТЦ "Бисер".


Со цел намалување на интересот за купување и пукање петарди, воведени се и парични казни од 200 до 500 евра, за купување и активирање на петарди или пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради. Доколку се набавуваат и дистрибуираат на пазарот, тоа претставува кривично дело за кое е предвидена парична или казна затвор до 3 години, а родителите на малолетниците што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра, доколку нивните деца пукаат петарди. Истиот износ е предвиден и со Законот за заштита од експлозивни материи.

 

Со Кривичниот законик на лицата кои нелегално набавуваат и продаваат петарди и други пиротехнички и експлозивни средства освен парична казна им се заканува и затворска во времетраење од 1 до 10 години, велат од Секторот за превенција. За жал петардите и натаму се најприсутни на зелените пазари, а се повеќе се продаваат и во близина на училиштата, бидејќи токму децата се најредовни купувачи. Инаку, во Македонија увозот на пиротехнички материјали е забранет, што значи дека ниту едно физичко лице не смее да внесе распрскувачки материјали.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.