На 28 и 29 април, “Урбан фест“ во Центар

“Урбан фест“

Уметници од Европа ќе бидат дел од меѓународниот фестивал на живите статуи што на 28 и 29 април ќе се одржи на плоштадот Јадран во општина Центар. На фестивалот ќе биде присутен и двократниот светски шампион во живи статуи. Фестивалот ќе добие и хуман карактер, собраните парични средства артистите ќе ги донираат на самохрана мајка од Скопје која боледува од рак.

 

Меѓународниот фестивал за улична уметност за живите статуи, “Урбан фест“, ќе се одржи на Сквер Јадран, во Центар, на 28-ми и 29-ти април.

 

Дел од овој настан ќе бидат светски познати артисти од Германија, Бугарија, Холандија, Португалија, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија. Војо Цветановски и Нора Шаќири, дел од организаторите на “Урбан фест“, посочија дека трупата “Театроск“ настапува долги години ширум Европа, а токму Урбан фест ќе биде одлична можност во петок и сабота, посетителите да го почувствуваат Европскиот дух и култура.

 

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски нагласи дека општина Центар без двоумење одлучила да застане зад овој проект затоа што, како што рече градоначалникот, се работи за прекрасен проект, познат и признат во сите светски метрополи.

 

Фестивалот започнува на 28-ми април во петок во 20:00 часот, на Сквер Јадран, а во сабота – фестивалот ќе трае преку целиот ден. Фестивалот ќе го заокружат ди-џеите Маци и Оги.

 

Во сабота, за време на концертот на “Летечки пекинезери“, ќе настапат и артистите од “Европски статуа проект“. Граѓаните ќе ги забавува и познатата музичка група “Фолтин“. 

 

Урбан фест е првиот фестивал кој на македонската публика ќе и’ овозможи вакво незаборавно светско искуство. А собраните средства од вообичаеното донирање во шапките на артистите ќе биде наменето за лекување на самохраната мајка Наташа, која боледува од рак.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.