1200 вработени вишок во јавните претпријатија на Град Скопје

Советниците од опозицијата во Советот на Град Скопје го критикуваа градоначалникот Петре Шилегов дека вработил 25 нови луѓе во ЈП ,,Градски паркинг”.

 

Советничката од опозицијата, Светлана Колариќ реагираше дека во претпријатието има преголема вработеност, а Шилегов се бранеше, дека тоа се случува поради несоодветното и непрофесионално вработување од времето кога тој не бил на функцијата градоначалник.

 

Градоначалникот Шилегов истакна дека воопшто во администрацијата на јавните претпријатија на Град Скопје има многу повеќе вработени отколку што има потреба. Како такви ги наведе ЈСП Скопје, Водовод и канализација, Улици и патишта. Според проценките на Шилегов ако треба да се отпуштаат работници, ќе треба 1200 луѓе да останат без работа.

 

Шилегов и даде предлог на советничката Колариќ да основа комисија на која таа може да биде претседател и да го состави списокот на партиските војници кои се вишок во администрацијата.

 

-Има 1200 административци повеќе од она што ни е потребно. Веднаш ќе потпишам во Градски паркинг да останат само 130 вработени кои се стручни и тогаш веќе нема да треба да вработувам нови. ЈСП Скопје има 700 административци или повеќе отколку што има возачи, а Градски паркинг јас кога станав градоначалник имаше 237 а сега има 258. Од нив половина се вишок и слободно може да си одат. Ве повикувам вие да ги направите списокот на луѓе што треба да бидат отпуштени од работа, рече Шилегов.

 

Советничката Колариќ рече дека го прифаќа предлогот, но под услов таа да биде одговорна за сите нови вработувања што треба да ги прави Градот во иднина.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.