Унгарскиот амбасадор Ласло Иштван Дукс ја посети Општина Илинден

Ласло Иштван Дукс во посета Илинден

Амбасадорот на Унгарија во Македонија, Ласло Иштван Дукс заедно со дел од неговите соработници ја посети Општина Илинден, при што се сретна со градоначалникот Жика Стојановски. Тој ја искористи можноста да му го честита повторниот избор за градоначалник, посакувајќи му многу успех во натамошната работа.


Градоначалникот Жика Стојановски, го запозна унгарскиот амбасадор со тековните активности во Општина Илинден, како и реализацијата на повеќе капитални проекти. Стана збор и за економските потенцијали на Општината, како и можноста за привлекување на унгарските стопанственици да инвестираат во Општина Илинден.


Унгарскиот амбасадор посебно ја потенцираше досегашната успешна соработка на полето на културата, додавајќи дека Амбасадата би сакала оваа соработка да ја продолжи и во други области, како спортот, при што би се реализирале голем број спортски настани во повеќе спортови, потоа заштита на животната средина, како и натамошен развој на економската соработка.


Градоначалникот Стојановски како можности за идна соработка ги посочи проектите во областа на зафаќање, третман и одведување на отпадните фекални води преку воведување на нова технологија која што се употребува во Унгарија, како и зголемување на капацитетите на општинската администрација со размена на искуства со општини во Унгарија.


Амбасадорот на Унгарија Ласло Иштван Дукс, при посетата на општина Илинден подари повеќе нови книги со кои ќе биде збогатено унгарското катче во Општинската библиотека Илинден, што беше отворено пред повеќе од две години. Со отворањето на ова литературно катче на посетителите на библиотеката им се нуди можност подобро да се запознаат со унгарската култура, уметност, литература.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.