Општина Карпош се приклучува кон Скопје - Вело Град

Општина Карпош

Поголемата застапеност на велосипедот како алтернативно превозно средство е од примарно значење. Ова беше еден од заклучоците кои произлегоа од денешната средба на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев во пресрет на донесување на Буџетот за 2018-та година и континуираните средби и консултации кои секојдневно ги одржува со граѓанските здруженија со цел да се креира партиципативен буџет во интерес на сите карпошани.


Денеска, Богоев имаше работна средба со претставници од неформалната група "На Точак", на која напомена дека Општина Карпош од 2018-та година започнува со субвенционирање при купувањето на велосипеди, со цел масовно користење на ова превозно средство од страна на граѓаните. Градоначалникот Богоев рече дека мора граѓаните да ги менуваат навиките, бидејќи со користење на велосипедот ќе влијаеме и врз намалување на загадувањето.


На средбата се разговараше и за постоечката велосипедска инфраструктура, при што беше истакната потребата за подобрување и изградба на нови вело патеки кои ќе придонесат за поврзување на Карпош со другите населби во главниот град.


Од суштинско значење е Општина Карпош да се придружи кон иницијативата Скопје да прерасне во Вело град. Тоа ќе се постигне со подобрување на велосипедската инфраструктура и сигнализација низ сервисните улици кои се под надлежност на Општина Карпош и нејзино приклучување кон булеварите на Градот.


Во завршниот дел од средбата присутните изразија подготвеност да соработуваат и за зголемување на јавната свест кај најмладите карпошани, преку советување и организирање на обуки во основните училишта за придобивките од користењето на велосипед.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.