Вренцовска: Годинашното „Охридско лето“ - вонвременско уметничко доживување

„Охридско лето“

Годинашното 57-то „Охридско лето“ измина во знакот на беспрекорна реализација, полни гледалишта, позитивни критики и задоволни уметници, изјави на завршната прес-конференција директорката на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска.


Во изминатите 40 фестивалски дена, како што рече, се случи неповторливо доживување со големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, гости од целиот свет, распродадени настани по само два дена од нивното најавување.


Таа потсети на промоцијата на документарниот филм „Бисер“, на проектот „Детски свет“ кој, како што рече, беше место за културно изразување за младите уметници да ги афирмираат своите потенцијали и идеи со што се поттикна позитивна стимулација на младите творци и истакнатите уметници.


На 57-то издание на „Охридско лето“ учествуваа уметници од Русија, САД, Канада, Австрија, Кина, Индонезија, Израел, Италија, Франција, Германија, Полска, Хрватска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Ерменија, Турција и Грција. Според Вренцовска, статистиката покажа дека годинава се бележи зголемување на продажбата на билети, а дел од фестивалската публика беа и бројни гледачи од странство.


Според неа, она што оставило впечаток е рекордната посетеност на драмската програма каде, како што рече, гледалиштата на сите претстави без исклучок, беа преполни. - Тоа зборува дека работата сме ја завршиле беспрекорно заедно со целиот тим кој стои зад целата реализација, појасни Вренцовска.


Директорката на оваа национална установа нагласи дека и во иднина приоритет ќе биде фестивалот, што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, а со финансиска поддршка на Министерството за култура и со поддршка од локалната самоуправа, да го задржи епитетот на високореномиран европски фестивал.


Според селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски, изминатите 40 фестивалски вечери биле прекрасен период на размена на љубов, почитување и вонвременско уметничко доживување.


Преполните концертни капацитети на секој музички настан, според него, се доказ дека нашиот напор за збогатување на фестивалската програма, како програма наменета за широк спектар љубители на уметноста придонесе за одржување на долгата традиција и високиот уметнички рејтинг на фестивалот, како и придонес за развој на туризмот во градот Охрид.


Музичкиот селектор Цуцковски објасни дека е особено горд на професионалниот ангажман на тимот кој стои зад оваа манифестација. Изрази благодарност до претседателот на Република Македонија и Министерството за култура за постојаната поддршка, како и до сите што со својот професионален ангажман придонесуваат овој фестивал да претставува најистакнат уметнички фестивал во југоисточна Европа.


Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Зоран Љутков нагласи дека според фактите и годинашната фестивалска статистика се работи за успешно реализирано фестивалско издание.


Фестивалот „Охридско лето“ е значаен партнер на ЕФА (Европска Асоцијација на Фестивали). Нејзин член е од 1994 година и секогаш давал голем придонес кон мисијата на ЕФА и нејзините проекти.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.