Шаќири подготвен да го повлече дописот за одработување на изборите во училиштата ако се најде друго решение

Министерот за образование, Јетон Шаќири, е подготвен да го повлече дописот што минатата недела го испрати до основните училишта за одработување во саботи за 24 април и 8 мај, кои Владата ги прогласи за неработни денови за сите граѓани поради изборите, и за 30.11.2023, кој беше прогласен за неработен поради самитот на ОБСЕ во Скопје. Во Министерството за образование се бара решение како неработните денови да се надоместат во периодот од понеделник до петок за да не се оптоваруваат дополнително ниту учениците ниту наставниците ниту, пак, родителите.

„Го разбирам револтот, но дописот морав да го испратам оти има законска обврска учебната година да трае 180 работни дена. Свесни за реакциите, најмногу реагираа родителите, еве денес се обидуваме во Министерството да најдеме некое друго решение за да се одработат деновите, а кое нема да значи да се оди на училиште во сабота. Бараме начин како да се надополнат часовите во текот на работната недела од понеделник до петок и сите опции се во игра. Доколку најдеме решение, нема да се учи во сабота“, вели министерот Шаќири за „Макфакс“.

Од неговиот кабинет објаснија дека сериозно го разгледуваат барањето од претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, кој побара министерот да го повлече дописот за одработување на неработните денови оти Владата ги прогласи за неработни за сите граѓани.

„Одлуката на МОН за надоместување на наставата, со која е предвидено да се одработат деновите на гласање, односно 24 април и 8 мај, како и на 30 ноември 2023 година, кога беше организиран самитот на ОБСЕ во Скопје, се базира на одредбите од Законот за основното образование, кој предвидува во една учебна година да има 180 наставни дена. Доставениот допис од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура за промена на донесената одлука ќе биде разгледан со должно внимание и уверуваме дека доколку постои поинаков алтернативен начин за регулирање на предизвикот во согласност со правните прописи, ќе биде соодветно постапено. Потсетуваме дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, а за учениците од основните училишта до 17 јуни и потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, велат од Кабинетот на министерот Шаќири.

Минатата недела министерот за образование преку допис ги извести основните училишта дека треба да ги одработат неработните денови за изборите, а училиштата во Скопје и неработниот ден за самитот на ОБСЕ. За работни им ги прогалси саботите на 18 мај и на 1 јуни кога ќе ги одработат деновите за изборите, а на 15 јуни, пак, во согалсност со дописот, треба да го одработат неработниот ден од самитот на ОБСЕ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.