Тодоров: Mоето исклучување од ВМРО-ДПМНЕ е нејаснo

Поранешниот министер за здравство и член на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров за кого Централниот комитет на партијата побара да биде исклучен од партијата вечерва изјави дека целата ситуација е нејасна и оти се работи за конструиран случај.

Оцени дека во изминатиот период како да имало оркестрирани обиди да се претстави тој како предавник на партијата.

Со дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за пристапувањето кон уставни измени, Тодоров рече дека се слушнал следниот ден по собраниската седница. – Ми падна многу криво. Во определени моменти секој носи определен став.Тоа се пратеници избрани од народот, предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Но, тие одлучиле да гласаат, а да станеш и да ги оставиш да бидат преброени, да бидат жигосани, е тоа навистина ме болеше, рече Тодоров.

Нагласи дека одлуката да се повлече од политичката сцена ја донел многу порано пред 27 април.

– Одлуката ја донесов неколку месеци порано. Уште пред 27 април имав донесено одлука дека треба да се повлечам од политиката и да се одморам што не значи дека се деасоцирам од политиката. Тоа што се случи на 27 април е страшно. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ изгуби многу, рече Тодоров, додавајќи дека настаните од 27 април само допринеле уште повеќе побрзо да ја донесе одлуката.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ станува се поизолирана партија и делува антизападно. Во партијата, како што посочи, сега има три структури. – Едната е прозападна која е за ЕУ и НАТО интеграција. Втората група се антизападно ориентирани. И третата е најголема група, луѓе кои се под импресии и веруваат дека се борат за Македонија. Тие се злоупотребени од една структура која партијата ја носи во еден погрешен правец, рече Тодоров.

Додаде дека нема ништо против тоа Никола Груевски што е почесен претседател на партијата, но смета дека не треба кога еден лидер ќе си замине, веднаш да се прогласи за почесен претседател бидејќи тоа носи раздор и можност поранешниот претседател да влијае.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.