Последни подготовките за масовно одбележување на Водици во Охрид

Привршуваат последните подготовки во Охрид за одбележување на православниот празник Богојавление – Водици, со осветувањето на водите на Охридското Езеро и традиционалното фрлање на Светиот крст.

 

Вршителот на должноста градоначалник на Охрид Константин Георгиески на денешната прес-конференција истакна дека и оваа година прославувањето на верскиот празник ќе биде организирано од општината заедно со Дебарско-кичевската епархија, во духот на христијанската традиција. Притоа тој изрази уверување дека и оваа година Охрид за Водици ќе биде исполнет со верници и туристи од земјата и странство, оттаму што години наназад манифестацијата е една од најмасовните во овој дел од православниот свет.

 

Љупчо Грданоски, претседател на Координативното тело за организација на манифестацијата, соопшти дека нуркачите од клубот „Амфора“ веќе го исчистиле дното на езерото кај Градското пристаниште каде ќе се фрла Чесниот крст, пристапните улици кон центарот на градот се исчистени од снегот, а градот се украсува со верски знамиња.

 

За сите верници кои планираат да влезат во осветените езерски води на плоштадот ден пред и на самиот празник ќе бидат поставени пунктови на Црвениот крст со дежурни медицински екипи што ќе вршат прегледи за проверка на здравствената состојба на капачите со оглед на ниските температури.

 

Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија појасни дека од утре започнува пријавувањето на сите оние кои  планираат да скокаат по Чесниот крст, во црквите Успение на Пресвета Богородица – Каменско, Свети Ѓорѓија, Свети Никола во Долна Влашка маала и Свети Никола-Геракомија. Пријавените капачи ќе добијат маица, а најсреќниот кој ќе го извади крстот од езерото златно ланче со крст како подарок од Дебарско – кичевската епархија и икона подарок од Општина Охрид.

 

  • Самата прослава на празникот ќе почне со утринска богослужба во сите парохиски цркви, со централна Божествена литургија во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско, со која ќе чиноначалствува неговото високо правосвештенство – Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Во 9:45 часот литии од сите цркви ќе се упатат кон Градското пристаниште каде во 10 часот ќе се изврши положување на Чесниот животворен крст во осветените води на Охридското Езеро, рече Ристески.

 

Предвидено е во текот на самиот ден Богојавление и оваа година точно на пладне на Сараиште де се одржи и масовно крштевање во осветените езерски води.

 

Манифестацијата по повод Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжува и на Денот на рибарите – 20 јануари, поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител што оваа година поради временските услови ќе се одржува на малиот плоштад кај поранешната Градска библиотека.. И за годинешното одбележување на таа уникатна манифестација – традиционалното капење на рибарите со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест, професори и ученици од Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ ќе приготват неколку тони рибна чорба во голем казан, за која се обезбедени 500 килограми риба.

 

Инаку, за безбедноста на капачите кои ќе скокаат по Светиот крст годинава ќе бидат ангажирани четири екипи спасители на вода распоредени долж брегот, две екипи спасители во чамци и четири нурачки тима. На располагање ќе бидат седум медицински екипи за прва помош и една екипа на Службата за итна медицинска помош .

 

Со оглед на релативно ниската температура на водата во Охридското Езеро кај пристаништето што изнесува 6,5 степени и очекуваната ниска температура на воздухот, апел за пратпазливост до оние кои ќе влегуваат во вода да се воздржат од намерата доколку чувствуваат слабост, додека за оние што ќе решат да се искапат да не се задржуваат во вода подолго од пет минути. Истовремено се предупредуваат верниците воопшто да не консумираат алкохол пред влегување во вода, како и претходно да обезбедат сува облека и обувки за откако ќе излезат од езерото.

 

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

 

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.