Расте бројот на заболени од морбили, за една недела регистрирани нови 71 случај

Бројот на заболени од мали сипаници постојано расте. За една недела пријавени се вкупно 71 случај. Од почетокот на епидемијата во Скопје, заклучно со денешниот ден  регистрирани се вкупно 259 случаи на мали сипаници, соопштија од Институтот за јавно здравје.

 

Епидемијата ги зафаќа сите општини на територијата на град Скопје, возраста на заболените се движи од 1 месец до 51 година. Од вкупниот број на заболени, 148 се на возраст до 4 години, а 66 лица на возраст над 30 години. Според вакциналниот статус, 193 од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 50 се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

 

Како што соопштија од ИЈЗ во текот на 6-тата недела регистрирани се три смртни случаи со мали сипаници кај деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, кои не ја примиле МРП вакцината. Сите три деца се починати од бронхопнеумонија како компликација на заболувањето со мали сипаници.

 

Во однос на спроведените засилени активности за вакцинација со МРП вакцина, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица изнесува 9.779, од кои 6.740 лица се на територијата на град Скопје.

 

Од Институтот информираат дека остануваат на сила претходно препорачаните мерки и активности кои ги превземаат Центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните тимови во пунктовите за вакцинација.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.