Заев: Прва тема на лидерската средба претседателските избори

Потврдивме дека прифаќаме средба меѓу претседателот на СДСМ и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и таа средба ќе се случи, веднаш штом ќе ги потврдиме роковите и верувам дека може до крајот на оваа седмица да се случи, но првата тема ќе бидат претстојните избори, изјави денеска на прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.

 

– Моја задача е како претседател на Влада, кој пред 21 месец бил опозиција, да разговарам со лидерот на опозицијата, кои се сите тие гаранции што треба ние да ги обезбедиме за фер и регуларни демократски избори, кои се одредени резерви што тие ги имаат, да ги отстраниме затоа што Северна Македонија мора да има кристално чист изборен процес и тоа е обврска на сите. Ќе разговараме и за реформските закони, но ниту јас ниту Мицкоски сме најстручни, треба стручни луѓе од Парламентот и од Министерство за правда да седнат на маса, рече Заев.

 

Во однос на законот за СЈО посочи дека процесот на реформските закони ги води одделно секој министер и во овој случај очекува Рената Дескоска да се види со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, со координаторот на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, со Зијадин Села и неговите претставници од Алијанса за Албанците, како и со претставници на Беса.

 

Во однос на тоа дали средбата ќе се одржи на православниот празник Прочка во недела, и дали ќе си простат со лидерот на опозицијата, Заев рече дека е транспарентен во духот на помирувањето.

 

– Во духот на простувањето и помирувањето сум многу транспарентен, на луѓето што држеа пиштол и што викаа немам чиста мета, им простив, затоа што животот треба да тече напред. Ние со Мицкоски немаме ништо лично. Ќе продолжам да негувам позитивен дух. На нашата земја и треба дијалог, дијалогот е ветер во грб во сите наши аспирации и ќе продолжам во тој дел без разлика колку се инсинуираат лоши зборови. Ќе продолжам во интерес на државата да го негувам дијалогот, рече Заев. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.