Силјановска – Давкова ја посети Занаетчиската комора – Скопје

Кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова денеска ја посети Занаетчиската комора – Скопје и изјави дека занаетчиството треба да се вгради во сите образовни програми, а државата да ја спречи нелојалната конкуренција и да не дозволи најталентираните занаетчии да заминуваат.

 

– Загрижена сум дека Македонија нема симбол што ќе не претставува надвор. Занаетчиството е уметност, составен дел на образовните програми во светот во рамки на т.н. практична работа и ние треба да го промовираме од градинка до највисокиот степен на образование. Ако Македонија е мала земја таа може да биде препознатлива во светот по уметничките дострели во различни области, изјави Гордана Силјановска.

 

Информира дека се слушната и со претставници од Национален сојуз на слепи на Република Македонија и разговарале за нивните секојдневни пречки за нормално функционирање.

 

– Претседателот нема надлежности во овие сфери. Ако бидам претседателка ќе ги искористам обраќањата пред Собранието, како моќен инструмент за сензибилизирање на пратениците и на севкупната македонска јавност за проблемите во определени сфери и за категориите на сите граѓани чиј статус низ призма на еднаквоста, загарантирана во член 9 во Уставот, е проблематична, рече Силјановска Давкова.

 

Претседателот на Занаетчиската комора – Скопје Никола Петров информира дека пред Силјановска Давкова ги претставиле своите достигнувања и проблемите со кои се соочуваат со цел да ги нотира и ако стане претседател на државата да им помогне, во рамки на нејзините овластувања.

 

– Нас овде политика не не интересира, туку развој на занаетчиството, изјави Петров и додаде дека доколу Силјановска Давкова биде избрана за претседател ќе имаат добра соработка.

 

Одговарајќи на новинарско прашање, Силјановска Давкова рече дека е задоволна од првото соочување со своите противкандидати. Дебатата, како што рече, беше жива, аргументирана, добра инспирација за нас, да се соочиме и на други дебати во други сфери во кои има надлежност претседателот. Додаде дека се обидува да го промовира женскиот говор и женското писмо.

 

Прашана за досегашните грешки на митинзите, таа рече дека пристојно се извинила и оти ова е шанса подобро да ја запознае државата.  Тоа, како што рече, е доказ дека и кандидатите за претседатели и претседателите не се совршени личности и можат да направат грешка. – Ако се извините тоа е во ред. Поважно од таквата грешка е да не погрешите во тезите, во вистинските анализи, рече Силјановска Давкова. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.