Последен ден од кампањата за петтиот претседател, од полноќ изборен молк

Кандидатите за петти претседател на државата, Стево Пендаровски и Гордана Силјаноска-Давкова, ги користат последните часови да ги убедат граѓаните на 5 мај да го дадат  гласот за  нивните програми. И двајцата очекуваат дека ќе победат в недела, на вториот круг од претседателските избори.

 
Според Пендаровски,  поддршката за него ќе значи подобра перспектива за сите, сигурно одење во Европа, продолжување на реформите и заедничкиот пат кон напредокот, развојот и интеграцијата во НАТО, но и ставање крај на „груевизмот".
 

Неговата противкандидатка Силјаноска-Давкова пак, чиј главен адут е владеењето на правото очекува нашата држава да се реформира во секој поглед и оти реформите треба да почнат од оние најгоре.

Кандидатот кој со нив учествуваше во првиот круг, Блерим Река, преку Фејсбук им се заблагодаи на речиси 80.000 гласачи што го поддржаа и напиша дека нивно е правото да одлучат за кого ќе го дадат својот глас на вториот круг.

 

-Тие се само ваши гласови. Тоа е ваше свето право и на вас е да одлучите за кого ќе гласате на вториот круг. Ќе го повторам истото што го реков на почетокот на мојата претседателска кампања: јас не сум трговец со вашите гласови и нема да ве убедувам за кого ќе гласате оваа недела. Трговијата со вашите гласови е спротивно со мојот концепт за Републиката, особено со нејзиниот главен столб – владеење на правото, порача Река.

Алијанса за Албанците на Централно претседателство вчера заклучи дека вториот круг од претседателските избори се одвива без конкретна понуда за граѓаните и апелираше тие в недела да го изразат својот суверенитет.

– Партијата го повторува ставот искажан за време на изборната кампања дека нејзините приврзаници не ги сметаат за сопственост и плен во функција на тесните интереси на одделни поединци. Секој глас за нас го зајакнува нашето партнерство со вас за градење, заживување и зајакнување на политичката платформа на Алијансата за Албанците во функција на уставната и социоекономската еднаквост на Албанците во Северна Македонија, заклучија од партијата на Зијадин Села.

 

Демократската партија за интеграција-ДУИ, пак, на митинг во Скопје ги повика своите членови и симпатизери поддршката да му ја дадат на консензуалниот кандидат Пендаровски. „Да излеземе на 5 мај и да го поддржиме кандидатот што е ориентиран кон ЕУ и НАТО", порача раководството на ДУИ – коалицискиот партнер на СДСМ во Владата.

Изборниот молк ќе почне на полноќ. За време на 24-часовниот молк ќе гласаат затврениците, болните и немоќни лица, внатрешно раселените и во дијаспората. В недела право на глас ќе имаат 1.808.131 граѓанин запишани во Избирачкиот список.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.