Тврдам дека, од овој момент, ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите. Нема да заборавам на разноликоста, изјави Гордана Силјановска Давкова во првото обраќање по победата на претседателските избори.
 
Партијата Левица вечерва по затворањето на гласачите места обвини за низа нерегуларности за време на гласањето, но и покрај тоа очекува позитивен резултат од изборите. Портпаролот Амар Мециновиќ обвини за ситуации со бугарски воз, попречено гласање, притисоци од сегашната власт но и закани за отпуштања од работа по изборите од сегашната опозиција.
 
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски на прес-конференција вечерва кажа дека резултатите се јасни и им честита на победниците.
 
Според досега пребројаните гласови, објавени на страната на Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ има освоено 137.077 гласови, односно 36,98 отсто, наспроти СДСМ со 46.385 гласови или 12, 51 отсто.
 
Кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од двојно водство пред Стево Пендаровски од СДСМ, покажуваат првичните резултати на ДИК.
 
Од обработени 9,61% од гласовите ВМРО-ДПМНЕ има освоено 20.713 а СДСМ 5.857 глас, покажуваат првичните резултати од аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ.
 
Јавното обвинителство соопшти дека до затворањето на избирачките места, изборниот ден поминал генерално без поголеми нарушувања на гласањето и пријави за изборни инциденти.
 
Во Република Македонија се одржаа можеби најмирните и најдемократски избори што се случиле било кога, особено од безбедносен аспект, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
 
Вицепремиерот Артан Груби не гласаше на вториот круг од претседателските избори.
 
Денеска имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски, како што доликува на земја членка на НАТО со почнати преговори за Европската унија. Констатирани се одредени неправилности, но сметаме дека се тие со незначителни во овој изборен процес, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
 
Повикот на ДУИ за бојкот не успеа, а денот ги извади на виделина игрите на власта. ДУИ посакува криза и преку бојкот сакаше да се факторизира. ДУИ изгуби, бојкотот не им е успешен, извесно е дека одат во опозиција, изјави Тимчо Муцунски, на првата прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ по гласањето на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.
 
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот чин на гласање на претседателските и парламентарните избори со повик до граѓаните да излезат и масовно да гласаат затоа што според него само на тој начин може да се одлучува за заедничката иднина.
 
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски го оствари своето гласачко право на вториот круг на претседателски избори и на парламентарните избори.
 
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска гласаше во вториот круг од претседателските избори 2024 година.
 
Како одговорна граѓанка, со својот глас ги удостоив парламентарните и претседателските избори, информира Гордана Силјановска-Давкова, кандидатка за претседател на државата, по гласањето за парламентарни и претседателски избори.
 
Избирачките одбори да ги почитуваат законските одредби и задолжително да ги прашуваат гласачите дали ќе гласаат за претседателски или за парламентарни избори и тоа да го прават кон секој избирач, потенцираа од Државната изборна комисија.
 
До 17 часот до ДИК биле пристигнати податоци за излезност на гласачите за претседателските избори од 2.040 избирачки места, од вкупно запишани 1.069. 029 гласачи.
 
До 15 часот како што информра ДИК биле пристигнати податоци за излезеност на гласачите за Претседателските избори од 2271 избирачки места.
 

© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.