ТЕЦ „Неготино“ нова подружница на АД ЕСМ

Во согласност со изготвената анализа за присоединување на АД ТЕЦ „Неготино“ кон АД ЕСМ Скопје, утврдена е оправданоста од присоединувањето, со што се овозможува поефикасно и економски поисплатливо искористување на производствениот капацитет на АД ТЕЦ „Неготино“, порационално управување, искористување на оперативниот, производствниот и на управувачкиот персонал, информираат од АД ЕСМ.

Според нив, енергетската криза од 2021 година претставува пресуден аргумент за нужноста од интегрирањето на АД ТЕЦ „Неготино“ во рамките на АД ЕСМ Скопје како од аспект на диверзификација на ризикот така и од аспект на стабилност и континуитет во производството на електрична енергија на државно ниво. Исто така, треба да се има предвид дека двете компании се лиценцирани за производство на електрична енергија, па ваквиот предлог за статусна промена – присоединување на АД ТЕЦ „Неготино“ кон АД ЕСМ – Скопје е целосно оправдан и реализиран.

„Кога почна енергетската криза, Владата на Република Северна Македонија му бдаде согласност на АД ЕСМ да го активира со работа ТЕЦ ‘Неготино’ за привремено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза и заклучно со 2022 година произведени беа 412.692 MWh електична енергија, а заклучно со 31 декември 2023 година произведе 346.248 MWh.

Произведената електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“ за време на енергетската криза АД ЕСМ ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел за потребите на АД МЕПСО, а дел ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти по цени пониски од цените на берзата“, стои во соопштението.

Термоелектраната „Неготино“ почнала да се гради 1974, а изградена е во 1978 година. Последен пат претходно работела во производството на електрична енергија во 2009 година за во 2022 година, по 12 години пауза, како ладна резерва, во услови на енергетска криза, да биде вклучена за само 40 дена.

ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК „Битола“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.