И со намалени цени минималната кошничка за јануари е поголема за 391 денар, за преживување на четворица потребни се 62.861 денар
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 21 Јануари 2025
Вредноста на минималната синдикална кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за јануари изнесува 63.252 денара или во сооднос со вредноста на синдикалната минимална кошничка за декември, која изнесуваше 62.861 денар, е зголемена за 391 денар, сооопшти денес претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Делот за храна и пијалаци, место да бележи намалување за најмалку 10 проценти, како што ветуваа трговците, бележи зголемување за 123 денари.
„Загрижува она што од почетокот на минатата година до оваа година, или за 12 месеци, вредноста на синдикалната минимална кошничка во делот на храната и пијалаците е зголемен 10,43 %. За граѓаните, со последното ненамалување на цените од страна на овие алчни трговци, произлегува дека трошокот е зголемен најмалку 20 % имајќи предвид дека зголемувањето од 10 % и ненанамалувањето од 10 %, ако ги соберете, посиромашни сме за најмалку 20 %“, рече Трендафилов.
За една година минималната потрошувачка кошничка се зголемила 6.989 денари, односно скокнала 10,65 %, факт што Трендафилов вели дека ќе оневозможи инфлацијата во земјата да биде 3,5 % имајќи предвид дека синдикалната кошничка ги предвидува само најнеопходните производи со кои едно четиричлено семејство може да го протурка месецот.
Синдикатот го утврди она за што граѓаните алармираа – трговците ги зголемија цените 20 % кога немаше мерки за потоа фиктивно да ги намалат кога почна мерката. За откривање на ваквите случаи Трендафилов вели дека подготвуваат сериозни чекори.
„Како ССМ размислуваме да преземеме сериозни чекори и во насока на тоа им укажеме на граѓаните што е добро, а што лошо. Имајќи предвид дека сите ние знаеме дека во изминатите неколку месеци овие трговци се покажаа како далеку лош пример за македонската економија, особено ако знаеме дека минатата година имаа енормни профити и енормни добивки, а оваа година ССМ ќе се погрижи да ги извади сите завршни сметки на овие големи трговски маркети и синџри маркети за да видат како тие неоправдано се богатат на грбот на граѓаните и на работниците“, најави Трендафилов.
Трговците, по чии критериуми беше креирана последната мерка за намалување на цените за најмалку 10 %, Трендафилов смета дека ја прелажале Владата двапати повеќе отколку што ги прелажаа граѓаните. Тој апелира Владата, доколку навистина сака да им помогне на граѓаните, да креира мерки без да информира за тоа и без да прави консултации со трговците.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс