Грција бара 80.000 работници

 

Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници. Според проценките и недостасуваат 80.000 работници.

 

На фасадата на меаната „Каријатис“, сместена на плоштадот под Акропол, има знак: „Бараме персонал, готвачи, келнери, кујнски работници“. Со оглед на рекордниот број туристи што се очекува да ја посетат Атина ова лето, сопствениците на ресторани не сакаат ништо да остават на случајноста.

 

„Станува сè потешко да се најдат вработени“, изјави за „Гардијан“ Димитрис Статокостопулос, кој го води ресторанот со својот брат: „Туризмот дефинитивно расте, но денес Грците претпочитаат да избираат канцелариски работи од 9 до 5 кои не бараат работа ноќе или викенди“.

 

Со оглед на тоа што туристичката сезона е пред вратата, потрагата по персонал доби неочекувана итност. Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници.

 

Недостатокот е толку голем што се проценува дека угостителскиот и хотелскиот сектор – ‘рбетот на туристичката индустрија што ја движи грчката економија со удел од 25% од БДП – сè уште има недостиг од околу 80.000 работници.

 

Статокостопулос не е единствениот претприемач кој се бори да најде персонал за својата популарна таверна во текот на веројатно најпрометниот период од годината. Низ целата земја, хотелиерите се натпреваруваат да најдат рецепционери, чистачи, спасители, портири, келнери и готвачи.

 

Од популарните острови како Крит и Родос, има извештаи дека хотелиерите крадат работници од своите конкуренти нудејќи подобри плати и услови за работа.

 

„Делумно ова е последица на пандемијата што ја почувствува цела Европа, но во Грција проблемот е особено изразен“, рече Јоргос Хоцоглу, претседател на Грчкото здружение на угостителски и туристички работници (ПОЕЕТ).

 

„Сведоци сме на невиден недостиг на квалификувани и искусни работници, особено во хотелската и угостителската индустрија, по егзодусот на вработените за време на карантинот. Многумина никогаш не се вратија. Резултатот е потреба од приближно 80.000 нови работници“, објаснува Хоцоглу.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.