
Со 90 отсто сигурност кај нас нема да се случи прекин на струјата како во Шпанија и Португалија, вели министерката Божиновска
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 07 Мај 2025

Прекин на струјата како оној што ги парализира Шпанија и Португалија минатата недела со 90 отсто сигурност нема да се случи кај нас во периодот што следува, рече денес Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини. Во летниот период таа уверува дека не се планирани ни исклучувања на фотоволтаиците за да се овозможи стабилност на електроенергетската мрежа по исклучувањето за велигденските празници кога фотоволтаичните електрани беа исклучени за да се растовари мрежата.
„На моја иницијатива, Министерството, во соработка со МЕПСО и со Регулаторната комисија, разговаравме и првпат за велигденските празници донесовме една одредба што траеше само за Велигден. Сите служби веднаш реагираа и имаше исклучувања многу мал период. Сега за Први мај немаше исклучувања, се работи активно, нема да има проблем во летото. Ова е само во овој преоден период, април – мај, кога сите се дома или кога не работи индустријата. Подоцна, налето, ќе работат климите, ќе има конзум. Ние сме спремни, не можеме да кажеме 100 %, но 90 % со сигурност може да кажам дека нема да има ‘блек аут’ како во Шпанија и во Португалија“, рече министерката Божиновска денес по потпишувањето на договорот за изградба на гасоводот за интерконекција со Грција.
МЕПСО работи на сите технички работи за одржување на елетроенергетската мрежа во соработка со Европската мрежа на системски оператори за електрична енергија, чии претставници ќе дојдат во земјата и ќе направат обука.
Министерката Божиновска рече дека уредбата со која фотоволтаичните централи беа привремено исклучени за Велигден, ќе биде во сила до октомври, но најави дека будно го следат секој час и оттогаш нема исклучувања.
Испадот во електроенергетската мрежа, кој минатата недела ги остави Шпанија и Португалија 12 часа без струја, експертите се сомневаат дека е предизвикан од предизвиците што ги носат обновливите извори на енергија. До овој став дојдоа откога беше утврдено дека не се работи за хибриден напад, а во моментот на прекинот на струјата речиси 70 отсто од енергијата во Шпанија и во Португалија доаѓала од обновливи извори.
Масовниот прекин на снабдувањето со струја во Шпанија и во Португалија минатата недела предизвика низа проблеми. Откажани беа повеќе од 500 лета, не работеа семафорите, луѓе останаа заглавени во метрото, не работеа телефонските линии, проблеми имаа банките, а граѓаните и една недела подоцна не добија официјално објаснување што го предизвикало прекинот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
