Димитриеска-Кочоска во Брисел: Реформите остануваат клучни за конкурентноста на европската економија

Целосна имплементација на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во буџетот, се дел од препораките за РС Македонија од заедничките заклучоци од овогодинешниот 11-ти по ред Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство на кој учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

 

„Усвоените заеднички заклучоци во рамки на дијалогот коишто се однесуваат на зајакнување на фискалното управување, имплементирање на капиталните инвестиции, зајакнување на оперативноста на даночната администрација и следење на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда, така и со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии“, рече министерката за финансии.

 

Таа додаде дека во услови на глобална економска нестабилност, фискалната политика е насочена да одговори на неизвесностите присутни во глобалната и домашната економија. Притоа, додаде, имајќи предвид дека фискалниот простор е ограничен како резултат на последователните кризи, фискалната политика е исправена пред предизвикот за постигнување фискална консолидација, но истовремено и финансирање иницијативи коишто го поддржуваат растот.

 

„Во услови на геополитички турбуленции и трговска војна, ние треба да им овозможиме на нашите компании да се развиваат преку креирање динамична деловна средина која ќе го ослободи нивниот потенцијал за раст. Значајно за приватниот сектор е подготвеноста на нашите влади да обезбедат квалитетна даночна политика, квалитетна инфраструктура, расположива и квалитетна работна сила, пристапна енергија, помал административен товар и правна рамка којашто ќе овозможи креирање на регионални ланци на снабдување. Она што ние како креатори на политики и носители на одлуки треба да размислиме и одлучиме е како да се креира динамично деловно окружување кое ќе им помогне на нашите компании брзо да се прилагодат на сегашната остра конкуренција на глобалниот пазар“, рече министерката за финансии.

 

Во таа насока, таа потенцира дека Владата е посветена на трансформативни реформи во земјата фокусирани на дигитална трансформација, одржлива енергетска транзиција, јакнење на човечкиот капитал, јакнење на владеењето на правото и подобро управување со јавните финансии, коишто области се во фокусот на реформската агенда на земјата.

 

Според учесниците, Економскиот и финансиски дијалог, и понатаму ќе игра значајна улога во постигнување на пошироките цели на добро управување и економски просперитет, и се сoгласија дека дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдување на заедничките насоки за политики за поддршка на одржлив среднорочен економски раст и постепено усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Учесниците нагласија дека клучна улога за остварување на напредок е спроведување на заедничките заклучоци, како и програмите на економски реформи и реформските агенди .

 

Дискусијата на годинешниот Економски и финансиски дијалог беше фокусирана на конкурентноста на Европа во контекст на сегашните геополитички случувања и потребата за поедноставување на правната рамка со цел намалување на административниот товар врз компаниите. За да може економијата да креира раст и работни места, во услови на трговска војна, на компаниите треба да им се овозможи да ја зајакнат конкурентноста преку инвестиции и иновации.

 

На годинашниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат министрите на тековното и двете последователни претседателства со Советот на ЕУ, претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, Европска инвестициска банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.