Нема ценовен шок на цената на горивата

Мандатот за утврдување на цените на дериватите истече во понеделникот на полноќ кога истече и договорот со ОКТА според кој функционираше старата методологија за утврдување на цената, што значи дека новите цени на горивата од сега граѓаните ќе ги дознаваат на бензиските пумпи.

 

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека добиле уверување од трговците дека нема да се создаде ценовен шок и ќе се следат цените на светскиот пазар.

 

За да дознеме дали се подготвува ценовен шок на цените на нафтените деривати, се обративме до бензинските пумпи Лукоил и Окта, од каде што не сакаа да го коментираат начинот на пресметка на новите цени, со изговор дека станува збор за внатрешна и тајна методологија.

 

Во Макпетрол пак велат дека единствено за половина денар е зголемена цента на дизелот, кој отсега ќе се продава по цена од 64 денари за литар, додака цените на останатите горива останува непроменета.

 

Од вчера бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по цена од 71 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 чини 73,  ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) 64, био-дизелот 65, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 54 денари за литар.

 

Цената на горивата, според новата методологија, ќе се пресметува според движењето на цените на светските берзи и средниот курс на доларот, а во пресметката ќе бидат вклучени и трошоците на трговците за набавка, складирање и транспорт. Дополнително ќе се одреди и маржа за профит на трговците, но според регулаторите заработувачката ќе мора да биде разумна.

 

Слични цени како што испорачаа трговците завчера предвиде и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски кој посочи дека движењата на цената на нафтата на светскиот пазар во изминатите две недели и курсот на доларот во однос на денарот укажуваат дека треба да има благо намалување на цената на бензините и благо зголемување на цената на дизел горивата. Тоа, како што кажа, ќе се случело и доколку се применела досегашната методологија за определување на цените на нафтата и нафтените деривати.

 

Новата методологија е во завршна фаза на изработка и само се чека новиот претседател на државата Стево Пендаровски да ги потпише измените на Законот за енергетика по што РКЕ веднаш ќе одржи подготвителна и главна седница на која ќе го усвои овој подзаконски акт. Бислимовски очекува тоа да се случи најдоцна до понеделник по што РКЕ секој понеделник ќе ја определува малопродажната цена на нафтата и нафтените деривати. 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.