Порастот на цените на нафтата и на храната ќе ја забрзаат инфлацијата

Економските аналитичари очекуваат постепено забрзување на инфлацијата и на економскиот пораст во следните две години, покажува најновата анкета на Народната банка за инфлациски очекувања и прогнозите за движењето на бруто домашниот производ.

„Во однос на инфлацијата, очекувањата за 2019 година упатуваат на просечна стапка од 1,4 отсто, што е помалку за 0,2 процентни поени во споредба со претходната анкета, додека за 2020 и 2021 година очекувањата и натаму посочуваат на просечна инфлација од 1,8 отсто и 1,9 отсто, соодветно“, соопшти Народната банка.

Извор: НБРСМ

Испитаниците го објаснуваат умереното забрзување на инфлацијата во 2020-2021 година со повеќе фактори, како што се зголемената минимална плата, пораст на цените на храната, повисоката домашна побарувачка, општиот пораст на светските цени на примарните производи, вклучувајќи ја и цената на нафтата, како и неизвесноста околу Брегзит, трговската војна помеѓу САД и Кина и ризиците поврзани со кризата на Блискиот Исток.Во поглед на економската активност, анкетираните аналитичари и натаму очекуваат реален пораст на БДП од 3,1 отсто и 3,3 отсто за 2019 и 2020 година, соодветно, како и минимално понизок реален пораст за 2021 година од 3,5 отсто.

Извор: НБРСМ

„Испитаниците ги поврзуваат ваквите очекувања со продолжување на поволните трендови од првата половина на оваа година, позитивните сигнали од олабавувањето на монетарната политика и владините мерки за поддршка на претпријатијата, оптимизмот на економските субјекти, очекуваната интеграција во НАТО и ЕУ, зголемувањето на инвестициската и извозната активност, инфраструктурните проекти најавени од државата, како и со растот на личната потрошувачка поврзан со растот на просечната плата и кредитирањето“, информираат од Народната банка.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.