Анѓушев: Целосно сум за оданочување на добивка од каматите за депозити

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на новинарско прашање, даде појаснување во врска со Законот за данокот на добивка кој треба да почне да се применува од 2020 година, а со кој се опфатени добивките од камати на депозити во банките, дивидендите и капиталните добивки од тргување на берзата.

 

Тој појасни дека станува збор за две категории кои деновиве се дискутираат.

 

„Прво, се зборува за оданочување на каматите од депозитите во банките, односно доколку граѓаните имаат средства во банка, на крајот на годината по пресметаната камата да платат данок во висина од 15% за вредноста на тие средства. Апсолутно сум за тоа ова да почне да се применува од 2020 година“, рече Анѓушев.

 

Втората категорија за која се дискутира, појасни тој, е данокот на капитални добивки, односно доколку имате акции во некоја компанија и со нив тргувате на берзата, сте ги купиле по една цена, а ги продавате по друга повисока цена, треба да платите данок на направената разлика.

 

„Тоа е данокот на капитални добивки. Сметам дека треба да се одложи со примена на овој данок, за да се стимулира берзанското работење, нашата е сеуште млада берза, а голем број на држави кои биле на степен на развој како нашиот, ја примениле оваа практика, за да се развијат берзите и да ги охрабрат компаниите кои се друштва со ограничена одговорност да се трансформираат во акционерски друштва. Тоа е впрочем и начин да се вбризга свеж капитал во компаниите“, рече Анѓушев и додаде дека се очекува во наредните месеци Владата да донесе конечна одлука по ова прашање.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.