Намалена основната каматна стапка на НБРМ, економијата е стабилна

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржа електронска вонредна седница на која беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на нивото од 1,75%.

 

„Ова е второ намалување на каматната стапка оваа година, по намалувањето во јануари кога во услови на високи девизни резерви и ниски инфлациски движења, а при присутни глобални ризици, вклучително и од ширењето на вирусната инфекција ковид-19 (коронавирус), ја олабавивме монетарната политика. Потребата од одржување вонредна седница произлезе од брзото ширење на вирусната инфекција ковид-19 во глобални рамки, со што се продлабочија ризиците и во домашната економија“, соопштија од НБРМ.

 

Од банката напоменуваат дека нивото на девизни резерви е комфорно, а банкарскиот систем е  отпорен на потенцијалните шокови.

 

„Повторно напоменуваме дека засега тековите се стабилни, а Народната банка е доследна на успешното спроведување на своите цели: одржување стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност. Во овој контекст, нивото на девизните резерви е комфорно и сосема е адекватно за да може соодветно да се реагира, доколку евентуално дојде до поголемо остварување на ризиците и потреба за апсорпција на ефектите. Банкарскиот систем на нашата земја е отпорен на потенцијалните шокови, меѓу коишто се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот ковид-19 на глобално ниво. Домашниот банкарски систем е здрав, солвентен и ликвиден и е во подобра состојба од периодот на почетокот на глобалната финансиска криза во 2008 година“, соопштија од НБРМ.

 

На седницата повторно биле разгледани најновите економски показатели, при што се разговарало за ефектите од појавата на ковид-19 врз глобалната и врз македонската економија.

 

Оттука, биле изнесени следниве заклучоци:

 

Ризиците за глобалната и домашната економија предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција ковид-19 се изразени. Првичните очекувања дека оваа појава ќе биде локализирана на територијата на Кина се покажаа како неосновани, а ризикот дека нејзиното времетраење, силината и географската распространетост ќе бидат големи се оствари во многу кус период.

 

Од крајот на февруари до почетокот на март овој вирус се прошири во над 80 земји во светот. Мерките коишто се преземаат на глобално ниво за спречување на неговото ширење се однесуваат на ограничување на движењето, одложување поголем број активности, отежнување на глобалните синџири на производство, промени на цените на пазарите на финансиските инструменти и на примарните производи. Сите овие мерки имаат последици за понудата и за побарувачката во економијата, како и за довербата на потрошувачите и инвеститорите и со тоа, за вкупниот раст на економијата.

 

Големината на вкупните негативни економски ефекти тешко може да се одреди поради неизвесноста околу времетраењето и силината на вирусната инфекција. Иако тековниот шок е од неекономска природа и најверојатно нема да го загрози долгорочниот потенцијал за раст и макроекономските основи на економиите на трајна основа, неговите ефекти на краток рок врз глобалната економија најверојатно ќе бидат изразени и ќе се одразат како големо забавување или намалување на глобалната економска активност. Европската централна банка ги објави своите мартовски проекции за еврозоната, како наш клучен трговски партнер.

 

Овие проекции не ги опфаќаат во целост најновите ефекти од ковид-19 врз глобалната активност и трговијата и предвидуваат раст на еврозоната од 0,8% во 2020 година. Сепак, нивните сценарија за ефектите од ковид-19 врз еврозоната, коишто претпоставуваат присуство на пандемијата до крајот на првата половина од оваа година, упатуваат на можна помала активност во однос на ова сценарио во интервал од 0,6 до 1,4 процентни поени. Притоа, ЕЦБ нагласува дека овие сценарија не претпоставуваат монетарна или фискална реакција, којашто, доколку се преземе, значително би ги ублажила негативните ефекти.

 

Остварувањето на ризикот и неговите негативни ефекти врз растот на економиите доведоа и до брза реакција на поголем број централни банки со намалување на нивните каматни стапки и/или преземање дополнителни мерки за креирање ликвидност во системот и поддршка на кредитирањето. Вакви мерки презедоа и Федералниот систем на резерви, Европската централна банка, Банката на Англија. Со ова тие придонесуваат за дополнително олеснување на финансиските услови и за поддршка на реалниот сектор, во услови на неочекуван негативен шок со силно влијание врз вкупната активност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.