Пендаровски стави потпис на законот за решавање на спорот меѓу Владата и „Макпетрол“

По консултациите со експерти од областа на енергетиката и правото, претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша указот за прогласување на законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ по пат на спогодба, информираат од претседателскиот кабинет.

„Претседателот смета дека донесувањето на законот е во јавен интерес бидејќи државата ќе стане сопственик на целиот гасоводен систем и на тој начин ќе се отвори можност за диверзификација на изворите за снабдување со гас на нашата држава, како и дека ќе се создадат услови за дополнителни вложувања во изградба на дистрибутивната мрежа. Исто така, нашата држава ќе стане транзитна рута за други држави во регионот“, се наведува во соопштението.

Во него се објаснува дека усогласениот текст на спогодбата е направен со медијаторство на „Енергетската заедница - Виена“, меѓународна организација задолжена за усогласување на правилата и принципите на внатрешниот пазар на енергија на ЕУ со државите кандидати за членство.

„Во однос на забелешките и критиките дека со ова решение е нарушено начелото на поделба на власта и дека Собранието ги презело ингеренциите на судот, претседателот Пендаровски смета дека владеењето на правото е обезбедено со надлежноста на Уставниот суд да ја контролира уставноста на законите“, стои во соопштението.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.