Расте примената на нетранспарентна постапка со преговарање без објавување оглас за јавни набавки

Најнов извештај за периодот јануари - јуни 2020 година од мониторингот на јавните набавки на Центарот за грѓански комуникации покажува дека расте примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас.

Извештајот покажува и дека институциите не се консултираат со бизнис-секторот во насока на подобрување на тендерските документации, а со тоа и на самиот процес на јавните набавки. Во мониторираниот период, спроведен е технички дијалог само за 1,4 % од тендерите, а и во овој симболичен процес на консултации се забележуваат пропусти.

Во мониторираниот период, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 15 % повеќе од истиот период претходната година.

Исто така извештајот покажува дека на секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда. Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период во 2019 година, но влошување во однос на целата 2019 година.

„Најниската цена“ е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 96 % од спроведените тендери, со што е задржан неповолниот тренд од претходната година. Според Центарот за граѓански комуникации, оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот „најниска цена“ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства.

Електронската аукција е користена во дури 92 % од тендерите, со што се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки.

Иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно, сепак некои понудувачи доставуваат понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност.

На локалните тендери се забележува непочитување на Законот за јавните набавки, особено во делот на образложение на потребата од набавката и на причините за неделивост.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.