Чаир

Беџет Пацоли ќе гради катни и подземни гаражи во Чаир - инвестиција вредна над 50 милиони евра

Поранешниот претседател на Косово и познат бизнисмен, Беџет Пацоли, ќе биде инвеститор на катни и подземни гаражи во Чаир со цел да се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во оваа општина.

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, заедно Пацоли, кој е сопственикот на глобалната компанија MABETEX, и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, денеска го потпишаа меморандумот за договор за соработка со инвеститорот.

„Денеска, заедно со градоначалникот Ганиу и со господин Беџет Пацоли ви соопштуваме една многу голема и многу убава вест не само за општина Чаир туку и за цело Скопје. Долго време во рамките на Град Скопје и Општина Чаир работевме на решавање на проблемот со паркирањето во оваа скопска општина, проблем што подолго време ги мачеше нашите сограѓани од Чаир. Конечно, на задоволство на сите нас дојдовме до решение, кое подразбира еден систематски пристап во решавање на овој предизвик. Во општина Чаир се наоѓаат најстарите населби во нашето Скопје, кои во инфраструктурна смисла сѐ уште имаат задржано елементи од стариот османлиски урбанизам кога не постоеле ниту автомобилите ниту проблемот со нивното паркирање“, рече Шилегов.

Тој додаде дека, за жал, со години нивните претходници градоначалници не успеале да најдат системско решение на овој проблем, но дека ниту тој ниту Висар е човек што ги фрла проблемите под тепих, туку, напротив, ги решаваат колку и да изгледа тоа невозможно.

„Стратешкото партнерство што Општина Чаир го воспостави со инвеститорот подразбира решение што на оптимален начин ќе постигне и повеќе простор за паркирање на возилата, но и повеќе простор за непречено одвивање на пешачкиот, велосипедскиот и на автомобилскиот сообраќај во оваа општина. Тоа значи дека сообраќајниот метеж и застојот во сообраќајот во оваа општина за неколку години од сега ќе бидат минато. Како единици на локалната самоуправа остануваме посветени на решавање на најгорливите проблеми со кои се соочуваат нашите сограѓани. Во таа смисла постигнувањето одржлива урбана мобилност на територијата на целиот град, на секоја скопска општина, е императив од кој немаме намера да се откажеме“, нагласи Шилегов.

Градоначалникот на Чаир, Ганиу, истакна дека е важно што стратешки партнер во изградбата на овие гаражи ќе биде компанијата MABETEX на Пацоли, а инвестицијата тежи над 50 милиони евра.

„Денес, означуваме историско поглавје за општина Чаир бидејќи токму денес го отвораме патот за стратешка и многу важна инвестиција, изградбата на катни и подземни гаражи на многу локации на нашата општина, а една од тие локации е токму овде на плоштадот Скендербег“, рече пред медиумите градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.

Гаражите ќе бидат катни, модерни и со светски стил.

„Само за овие четири години успеавме да создадеме речиси 1.500 места за паркирање, што не е мала бројка, а со изградбата на овие нови гаражи проблемот со паркинг-местата ќе се реши еднаш засекогаш затоа што ќе има 3.000 нови паркинг-места. На крајот, сакам да ве потсетам дека овие гаражи беа наше ветување и ќе станат наша реализација“, истакна Ганиу.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.