Сергеј Андреевски со неизложени хартии во Грција

Во петок, 21ви Април со почеток во 19 часот, во општината Каламариа во Солун, свечено ќе биде отворена самостојна изложба на Сергеј Андреевски со наслов: „Неизложени дела на хартија“.

На некој начин, оваа поставка е продолжение на големото ретроспективно претставување со наслов „ХАРТИИ“ што се случи минатиот мај во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. Имено, голем дел од селектираните дела не можеа да бидат изложени во музејот, минатата година, заради лимитираниот простор. Токму тие дела ќе и бидат претставени на публиката во Солун. Тоа се цртежи и слики од различни творечки фази и тематски циклуси, главно инспирирани од патувањата на авторот низ светот. Создадени се на различни видови хартија – од обична, професионална и рециклирана Арш хартија, до рачно изработена јапонска хартија – Ваши.

Делата ќе бидат поставени во општинската галерија РЕМЕЦО во Каламариа, Солун во периодот од 21-29 април, а на отворањето, за творештвото на Сергеј ќе говори Харис Савидес, меѓународно етаблиран архитект и фотограф од Атина.

Реализацијата на проектот е овозможена од македонското Министерство за култура.

Во април/мај, 2002 год., Андреевски учествуваше на изложбата со наслов: „Европска современа уметност – уметноста на балканските земји“, која беше организирана од Државниот музеј на современа уметност, Солун, во соработка со соодветни институции од други балкански земји.

Во јуни 2004 год., по повод и непосредно пред официјалното отворање на Олимписките игри во Атина, Сергеј Андреевски беше единствениот претставник од земјава во мултикултурниот проект „Нашите соседи“. Изложбата на којашто учествуваа вкупно десет реномирани уметници од земјите сосетки на Грција, од Грција и од Кипар, беше отворена под покровителство на Министерството за надворешни работи на Грција и Министерството за култура на Грција во културниот центар АТИНАИС. Во таа пригода, организаторите, фондацијата Pierides и Kintec Α.Ε., промовираа уникатна публикација во ограничен тираж – мапи изработени со сито печат, потпишани од уметниците. Организаторите за својата колекција од Андреевски ја откупија сликата „Трубачот“, од циклусот „Џезери“.

„Андреевски слика со слобода добиена преку долгогодишно уметничко искуство во откривање на неговите визии. Тој не се плаши да го направи невидливото видливо, користејќи светли бои за да го долови здивот на сопствениот музичар“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.