Симеон (Мони) Дамевски реизбран за директор на Фестивалот „Браќа Манаки“

Досегашниот директор, актерот Симеон (Мони) Дамевски, на денешното свечено собрание на Друштвото на филмските работници (ДФРМ), со мнозинство гласови од присутните членови, повторно е избран за директор на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Дамевски ја извршуваше директорската функција од јуни 2021 година, а според статутот на ДФРМ, неговиот нов мандат ќе важи за следните две изданија на Фестивалот во Битола.

Мони Дамевски презентира извештај за минатогодишното издание на Фестивалот „Браќа Манаки“ и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера. Покрај тоа, тој најави и богата програма и реномирани гости на годинашното издание на „Браќа Манаки“, кое е планирано да се одржи во втората половина на септември.

Симеон (Мони) Дамевски дипломирал актерство на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а магистрирал на „Ратгерс“, државниот факултет на Њу Џерси во САД, каде што од 1990 до 1992 година бил и асистент по глума.

Во 40-годишната кариера играл во театар и на филм („Пред дождот“ и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, меѓу другите), продуцент е на „Враќање“ и „Војната заврши“ на Митко Панов и на 6 документарци, а се очекува и продукција на две негови филмски сценарија. Син е на еден од легендарните македонски актери, Дарко Дамевски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.