Прекинато финансирањето на филмовите на Манчевски, утврдени нерегуларности во извештаите
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 17 Мај 2023
Агенцијата за филм врз основа на донесена одлука од страна на Управниот одбор поднесе кривична пријава против продукцијата на режисерот Милчо Манчевски, „Банана Филм“ – Скопје.
Од Агенцијата велат дека одлуката е донесена поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело – поднесена официјална изјава со невистинита содржина, а се темели на докази поврзани со фактичката состојба на проектите „Мајки“, „Врба“, „Кајмак“ и „Биста“.
Управниот одбор на Агенцијата за филм донесе одлука со која го задолжи директорот на Агенцијата да донесе решение за прекин на постапување и финансирање по проектите „Кајмак“ и „Биста“ на истиот продуцент, сè до правосилно решавање на претходното прашање.
„Откако Министерството за култура изврши инспекциски надзор за проектите „Мајки“ и „Врба“, од каде овластениот инспектор достави информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција, утврдено е постоење на недоследности во однос на доставување на финални извештаи за проектот „Мајки“. При тоа за проектот „Мајки“, продукцијата до денес не доставила финален извештај за потрошени 55.000.000,00 денари како и за сите други дополнителни средства потрошени за реализација на овој проект. Што се однесува до проектот „Врба“, во процес е проверка на фактот – пренос на повисоки износи на средства доделени на сметка на правно лице во странство, која што припаѓа на сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје“, велат од Агенцијата.
Се доава дека сите иницирани постапки на Агенцијата за филм немаат намера да направат блокада на работата на било кој автор, вклучително и сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје, туку единствена цел е да се утврди дали постоело незаконското работење како и заштита на буџетските средства.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс