(ВИДЕО + ФОТО) Медиумска писменост за лицата со попреченост - “Сите сме еднакви“

Медиумската писменост е дел од правото на слободата на изразување и правото да се примаат и даваат информации. Медиумска писменост значи развивање етика и почитување на вредностите и различностите.

СеријатаСите сме еднакви“, во продукција на Телевизија МТМ со поддршка на Амбасадата на Австралија во Белград, преку програмата Direct Aid Program (DAP) за Smartygrants, нуди содржина, која креира медиумска писменост за лицата со попреченост, прикажувајќи ја нивната успешна интеграција во општеството, иако нивните успеси секогаш биле борба со нерешени општествени пречки и разбирање од заедница.

Ова е телевизиска серија во која се прикажуваат животните приказни на осум лица со попреченост. Тие, и покрај попреченоста со која се соочиле во животот, постигнуваат исклучителни успеси, кои што претставуваат поттик и позитивен пример, но и доказ дека сите сме еднакви и можеме да успееме и со наште дела да се истакнеме во општеството, надвор од сите стереотипи и предрасуди.

 

 

Епизодите премиерно ќе се прикажуваат на Телевизија МТМ од понеделник – 5 јуни во 16:50, 20:15 и 23:05 часот секој работен ден. Репризните изданија ќе бидат следниот работен ден во 09:15 и 11:50 часот.

 

Ова се ликовите чии приказни носат силни и храбри пораки до јавноста и институциите во нашата држава.

 

1. Ристо Донев: „Ниту со рака се имам послужено, ниту со нога прочекорено“

 

Ристо Донев е лице со церебрална парализа. Тој е шампион во шах на Македонија и претходно на Југославија и е носител на титулата интернационален мајстор во дописен шах на Светско првенство.

Ристо е човек со многу таленти и широк спектар на познавања. Освен исклучителните достигнувања во шах и освоените бројни признанија, медали и пехари, поседува и напредни вештини во областа на информатичките технологии, а се занимава и со пишување книги, поезија и проза. Ристо има исклучителни успеси кои што претставуваат поттик и позитивен пример за сите.



 

 

2. Ема Ананиевска: „Слепилото не ми беше пречка да го остварам сонот“

 

Ема Ананиевска е лице со оштетен вид. Таа е дипломирана пијанистка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. За своите музички достигнувања има освоено многу награди и признанија во земјава и светот. И покрај целосно оштетениот вид, уште од дете Ема не се откажува од сонот да биде пијанистка и да настпува на концерти. Интегрирана во образовниот процес, со помош на семејството, таа ги пребродува тешкотиите и успева луѓето да ја препознаваат како пијанистка, а не како девојка со оштетен вид.

 

 

 

3. Снежана Караџовска: „И без две нозе, јас му пркосам на животот“

 

На Снежана Караџовска и се ампутирани двете нозе, откако ги изгубила во сообраќајна несреќа. Вели дека нема да мирува и постојано од институциите ќе бара правда и правичност за лицата со попреченост. Во домот се движи со протези, а надвор со количка поради нерамнините и високоите тротоари. 

Снежана е гласноговорник во името на сите на кои во секојдневното движење надвор од домот им се неопходни приспособени тротоари и рампи, пристапност до секое училиште, болница, амбуланта, аптека...

 

 

 

4. Марио Мицковски: „Алеа-леа-леа-ле... ќе ги победиме!“

 

Марио е лице родено со Даунов синдром. Има завршено средно фискултурно училиште, сака да спортува, да слуша музика и да другарува. Многу е горд на наградите и медаљите кои до сега ги има освоено на Специјалните олимпијади, а наградуван е и како спортист на годината на Град Скопје.

И покрај неговата попреченост, уште од мал пројавува желба да спортува, особено го привлекува пливањето, каде достигнува врвни резултати во неговата категорија. На специјалните олимпијади во Лос Анѓелес и Дубаи ја претставува нашата земја и се закитува со злато.

 

 

 

5. Николчо Делoв: „Тапаните ми се лек и секојдневна терапија“

 

Николчо Делoв е лице со вродена попреченост, со дијагноза детска парализа. Уште на 12 години заради здравствена терапија почнал да свири на инструменти за да ги користи мозочните функции, рацете и нозете.

Во тапаните го нашол лекот, ги изучувал самостојно, гледајќи ги другите. Упорноста и верувањето денеска го довеле до состојба кога без никаков проблем „рамо до рамо“ музицира заедно со афирмирани музичари.

 

 

 

6. Андреј Стојаноски: „И во тишината се слушаат вистинските шампиони“

 

Андреј Стојаноски е роден со целосно оштетен слух. Комуницира со знаковен јазик. Тој е најдобриот македонски спортист со попреченост. Добитник е на неколку спортски оскари, а има освоено околу 300 медаљи и награди.

Андреј е сопственик на најдобриот државен резултат во пливање на спортисти со попреченост. На некои меѓународни првенства се натпреварува и со учесници без попреченост.

Неговите успеси во домашни и меѓународни рамки ги афирмираат спортските вредности и ги мотивираат сите млади.

 

 

 

7. Дино Шкрињариќ: „Музиката ме исполнува, и дење и ноќе!“

 

Дино Шкрињариќ е лице родено со Вилијамс синдром – ретко генетско пореметување кое се открива до петтата година по раѓањето. Тој уште од мал и во текот на образованието е соочен со проблеми, но заедно со семејството успеваат да победат во борбата наречена живот и еднаквост за сите.

Дино во јавноста е познат како Бесниот витез. Но тој е витез кој не се крие зад маска, туку комуницира со јавноста како успешен и познат водител на популарната радио емисија Хип Хоп Манија.

 

 

 

8. Јулијана Петровска: „Борец сум и не се откажувам!“

 

Јулијана Петровска е лице родено со попреченост. Таа е успешна спортистка и танчерка. Во нашата земја е меѓу десетте најуспешни жени во спортот. Во многу земји изминативе години освојува награди и медаљи и редовно учествува на Специјалните олимпијади. За себе вели дека e борец и не се откажува.

Освен во спортот, Јулијана постигнува резултати и во танцувањето. Има освоено второ место на Светско првенство во модерни танци.

 







Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.