„Во чест на Мирко Попов ја славиме македонската музика“: промоција на винил-изданието „Поп-култура“

Утревечер, 29 март, во 19 часот, во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“, ќе се одржи промоција на првата винил-компилација посветена на современата поп-продукција од млади македонски музичари – „Поп-култура“. Ова исклучително винил издание се реализира во рамки на платформата Силата ЕУ младите.

Компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската музичка поп-сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и сè уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена.
Компилацијата опфаќа селекција на песни од најрепрезентативните млади автори на македонската музичка поп-сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска (Mia Perevska), Дина Јашари (Dina Jashari), Андреја Салпе (Andreja Salpe), Зи (Zee), Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признаениот музичар Слаткаристика (Slatkaristika).

Музичкиот избор оваа вечер ќе биде на диџеите на младиот колектив Македонско улично радио: Скам, Аудио Цигла и Демиџ Контрол. Промотивниот настан се реализира во соработка помеѓу СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ, Македонско улично радио и „Лабораториум“.

Платформата „Силата ЕУ-младите“ е еден од низата проекти иницирани и програмски уредени од Мирко Попов, кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор го реализира и ова, 13-то по ред винил-издание за дискографската куќа „ПМГ рекордингс“.

Во издание на „ПМГ рекордингс“, Попов реализира 300 изданија македонска музика од македонски автори на македонски јазик. Затоа, Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Ако Југославија го имаше „Пакет аранжман“ во 1981 како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го има новиот бран поп-музика на компилацијата „Поп-култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција, за жал, не успеа да ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме овој петок во „Лабораториум“.

„Мораме да комуницираме и да се дружиме со младите затоа што само така вистински ќе знаеме каде оди светот и ние ќе останеме млади“, велеше Попов. Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека го градат оној град во кој тој веруваше. Тие ги препознаа искрениот жар и отворениот простор на Мирко и му вратија назад со љубов и убава соработка.

Во чест на Попов зааедно да ја славиме македонската музика, како што велеше и самиот: „Во Скопје улиците пеат“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.