
Филмот „Мис Стон“ пред велешката публика
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 14 Април 2025

Вечерва, 14 април, понеделник, како дел од програмата на четвртото издание на велешкиот фестивал „5ре“ ќе се одржи проекција на филмот „Мис Стон“ (1958) на режисерот Жика Митровиќ. Проекцијата е овозможена од Кинотеката на Македонија, а за прв пат во Велес ќе се прикаже дигитално реставрирана копија на овој омилен филм на многу генерации.
Проекцијата на „Мис Стон“ започнува во 20.00 часот во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Бидејќи фестивалот е посветен и инспириран од ликот и делото на легендарниот актер Петре Прличко, публиката ќе се потсети на неговата незаборавна улога во филмот – ликот на комитата Мандана.
„Овој шегобиец, филозоф, мудрец и стар, прекален борец ја има една од најпопуларните реплики во историјата на македонскиот филм, во сцената кога во четата на Јане Сандански, Катерина го раѓа бебето, симбол на македонската борба за слобода. Мандана понесен од возбуда, ќе му посака на мелечкото: „Ај да ми бидеш живо и здраво детуле. Да пораснеш големо. На лице бело и црвено, како тетовско јаболко. На снага – вита ела пиринска. Грлото бисер да ти рони. Гласот да ти биде како на славејче. Славејче наше убаво. И, кога еден ден ќе гледаш во големото сино небо и ќе слушаш славеј – спомни си за нас. Спомни си ја четата во која си се родило. Таа чета, ангелче, се бори за твојата слобода…“, пишува во најавата за филмот на Кинотека на Македонија.
„Мис Стон“ е првиот македонски игран филм снимен во колор и во тоталскоп техника, со Петре Прличко, Олга Спиридоновиќ, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Марија Тоциновски, Драган Оцоколиќ, Дарко Дамески, Драги Костовски, Вукан Диневски и многу други во улогите на комити, мисионери, турски аскер, револуционери, селани… Следната 1959 година, за улогата на Манданата, Петре Прличко ќе ја добие престижната „Златна Арена“ на фестивалот во Пула.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
