Прогласени победниците на 15. Филозофски филмски фестивал, „Шамбала“ избран за најдобар долгометражен филм

Вчера вечер се затвори 15. јубилејно издание на Филозофскиот филмски фестивал со проекција на Селекцијата на видеоесеи (селектор м-р Ивана Мирчевска) и „Витгенштајн“ од Дерек Џарман.

 

Пред филмот во чест на поранешниот Заменик шеф на мисија и Аташе за култура на Кралството Шпанија во Скопје (2020-2023), Ернесто Ередеро дел Кампо (1977-2024), постхумно беше прикажано видео од неговото излагање од Втората интернационална конференција „Филозофија и филм (2023), „Витгенштајн и филмот“.

 

Вечерта беа прогласени наградените филмови од страна на публиката и жири комисијата, во состав: Хасан Сердар Гергерлиоглу, соработник на списанието „Синефилософи“ од Турција; Кумјана Новакова, македонска филмска авторка, кураторка и предавчака; и д-р Мартин Ередеро Кампо од Универзитетот Ваљадолид во Шпанија.

 

Наградата „Златен був“ од жирито ја доби непалскиот филм „Шамбала“ во режија на непалскиот режисер Мин Бахадур Бхам. Жирито, истакнувајќи го уметничкиот интегритет, емоционалната длабочина и кохерентната визија, истакна дека „преку тишина, ритуал и пејзаж, Шамбала нè повикува да се соочиме со непостојаноста, одговорноста и природата на откупувањето.

 

Филмот вткајува длабока човечка нарација со впечатлива визуелна композиција, транспонирајќи нè во едно оддалечено подрачје, а истовремено втемелувајќи ја приказната во универзално препознатливи теми како тагата, искупувањето и внатрешниот мир.“

 

Плакетата „Златен був“ според гласовите на публиката отиде во рацете на канадскиот режисер Метју Ренкин и неговиот „Универзален јазик“.

 

За најдобар краткометражен филм, наградата „Златен був“, жирито се одлучи да ја додели на „Горчлива трпеза“ од режисерот Хорхе Тиелен Арманд. Филмот „едноставното пакетче тестенини го претвора во длабок симбол на преживување и жртва. Она што Горчлива трпеза го прави навистина извонреден филм е неговата способност да го надмине конкретниот контекст (колапсот на Венецуела) и да проговори за глобалните кризи на миграцијата и сиромаштијата.“

 

Во своето обраќање по повод добиената плакета „Златен був“ од публиката, режисерката на „Барајќи рече заборавив“, Наоми Пасифик изјави дека е благодарна на публиката што го избрала нејзиниот филм токму затоа што темите што ги одработува филмот се базирани на теоретичарите и филозофите кои ги читала во нејзините дваесетти години.

 

Жирито одлучи Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ да го додели на „Возвишени врвови“ од Диего Салгадо поради посебниот начин на кој филмот ја обработува темата на младоста – експлицитно и алегориски. Режисерот во својата изјава на благодарност порача дека „ова признание има особено значење во времиња како нашево – кога политичките и моралните превирања често оставаат малку простор за тивка рефлексија“.

 

Добитникот на ова признание, покрај плакетата ќе добие и подарок уметничка слика од уметницата Соња Чингарова-Фотева.

 

Вечерта ја модерираше главниот координатор на фестивалот, Андреј Медиќ Лазаревски кој се осврна и на иднината на фестивалот, посочувајќи: „И после 15 години – Што? Што ќе следи? Не знаеме ниту ние, но сме сигурни дека сега заокружуваме една целина, еден циклус од работа цела една деценија и половина, а од следната година можеби исто, можеби поинаку. А тоа зависи и од нас и од сите околу нас, од вас.“

 

Инаку, овогодинешното издание на Фестивалот се одржа под мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен“ од 22 до 28 мај во Кинотеката на Македонија, во организација на Филозофското друштво на Македонија, и во соработка со Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ, а со институционална поддршка на Агенцијата за филм.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.