
Изложба на реномираниот британски уметник Ричард Дикон во Музејот на современата уметност
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 30 Мај 2025

На 3 јуни со почеток во 18 часот во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложба на реномираниот британски уметник Ричард Дикон.
Ова е прва самостојна изложба во нашата земја на реномираниот британски уметник Ричард Дикон, добитник на Turner Prize (1987) и претставник на Велс на Венециското биенале (2007).
Ричард Дикон е скулптор чија повеќедецениска скулпторска практика претставува впечатлив и препознатлив пример за континуирано преиспитување на смислата и значењето на константите и конвенциите на западноевропската скулпторска традиција, како и нивно редефинирање и реконцептуализирање во рамките на современата скулптура и уметност.
Изложбата ги опфаќа циклусите скулптури на Дикон со мали и средни димензии, изработени во дрво: UV84DC (UW84DC) и Во шумата (Дух, Мечка, Мала мечка, Лилјак и Ѕвер / In the Woods (Ghost, Bear, Small Bear, Bat, Beast)), нерѓосувачки челик: Одење (Tread), и глазирана керамика: Сочинето од ова (Made of This), создадени главно во текот на оваа и минатата година, како и серија дигитални принтови на полиестер – зголемени цртежи направени во апликацијата Notes на iPhone: Втор мотив (Second Motif). Д
Доследен на својата работна метода, која се одликува со систематски пристап кон материјалот и јасни процедури преку кои материјалот го трансформира во форма, односно во визуелна интерпретација на меандрирачка содржина, и чиј исход е естетизиран предмет со извонредна и софистицирана едноставност, исполнет со значења и асоцијации, со отворени детали за тоа како и од што е направен – Дикон и во новосоздадените серии скулптури продолжува да ги истражува динамичните корелации меѓу формата и перцепцијата, внатрешното и надворешното, масата и просторот, односот меѓу длабочината, површината и структурата, апстрактното и (не)посредното, „фикцијата и фактот“ (RD), како и корелациите меѓу автономијата на зборот и неговите двосмислености од една страна, и од друга страна скулпторската форма како таква и нејзиното преведување во асоцијација, вербален опис, односно формулирање на нејзините можни значења.
– од текстот на проф. д-р Јасмина Чубрило
Ричард Дикон е роден во 1949 година во Бангор, Велс, Обединетото Кралство, а живее и работи во Лондон. Дипломирал на Уметничкото училиште „Сент Мартинс“ во Лондон (1972) и магистрирал на Кралскиот уметнички колеџ во Лондон (1977).
Од 1981 година, Дикон учествувал на бројни значајни групни изложби ширум светот, вклучувајќи ги Биеналето во Сао Паоло (1983), Карнеги Интернационал (1985), Биеналето во Сиднеј (1989) и Документа IX (1992). Го претставуваше Велс на Венецијанското биенале (2007) и учествуваше на Венецијанското биенале за архитектура (2012), Глазгов Интернационал (2006). Ричард Дикон ја доби престижната Тарнерова награда во 1987 година, која ја доделува галеријата Тејт. Во 1995 година беше одликуван со наградата Роберт Јакобсен, која ја доделува Штифтунг Вурт, а во 2013 година доби признание од Фондацијата Барнет и Аналеј Њуман. Во 2017 година, Дикон беше награден со наградата Ернст Франц Фогелман за скулптура во Хајлброн, Германија.
Во 1998 година беше избран за член на Кралската академија, а во 2010 година за член на Академијата за уметност во Берлин. Титулата Витез на уметноста и книжевноста во Франција му беше доделена во 1997 година, додека во 1999 година беше одликуван со титулата Командант на Најизвонредниот Ред на Британската Империја. Универзитетот во Лестер му додели почесен докторат во 2005 година.
Дикон во 2013 година стана почесен член на Универзитетот за уметности во Лондон, во 2015 година беше избран за член на Европската академија на науки и уметности во Салцбург, а во 2017 година стана почесен соработник на Уметничкиот колеџ во Плимут. Изложбата е реализирана во соработка со Британскиот совет, Дотс Галерија, Министерството за култура и туризам и Британската амбасада во Скопје.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
