Танцови перформанси на Викенд на гордоста Скопје 2025

 

На 12 јуни во 20:30 часот во МКЦ, Фестивалот за квир-феминистичка култура, уметност и теорија – Викенд на гордоста Скопје 2025, продолжува со својата перформативна и танцова програма, со танцовиот перформанс „Нестабилни другари / Unstable Comrades“ од српскиот кореограф Игор Коруга.

 

„Делото критички го преиспитува влијанието на капитализмот, патријархатот и другите системи на репресија врз личните и телесните сфери – род, сексуалност, желба, емоции – преку јазикот на современиот танц. Инспириран од квир марксизмот, Коруга ја претвора сцената во простор за флуидно истражување на идентитетот, ранливоста и отпорот како средства за политичка визија. Перформансот се движи низ историски и идеолошки контексти – од социјализмот, преку западниот либерализам во време на Студената војна, до постсоцијалистичка Источна Европа – за да ги анализира начините на кои квир културата и уметничките практики се спротивставувале на догматизмот и нормирањето“, соопштија организаторите.

 

Авторската екипа зад делото вклучува драматургот Димитрије Коканов, композиторот Владимир Пејковиќ, дизајнерот на светло Борис Буторац и изведувачите Маријана Гавричиук, Тамара Пјевиќ, Георге Александру Плешка, Хунор Џозеф Варга и Јакша Филиповац. Делото е во копродукција на Национален центар за танц Букурешт и Фондацијата Brain Store Project Софија преку Јужноевропски танцови станици (СЕЕДС), АПАП – Феминистички иднини, Грантот за мобилност Culture moves Europe и Институтот Гете; Програмата Креативна Европа на ЕУ; Министерството за култура на Република Србија; Резиденцијалната програма ТанзФабрик Берлин, пр. Резиденцијалната програма Тенерифе ЛАВ.

 

На 13 јуни во 20:30 часот во МКЦ ќе биде изведено и кореографското соло „Атрас / Atrás“ на Александар Георгиев – Аце, уметнички истражувач и изведувач со интернационално искуство.

 

„Делото го насочува фокусот кон задниот дел на телото како наративна и естетска основа, преиспитувајќи го неговото отфрлање и невидливост во рамките на западноевропската танцова традиција. Преку деколонијален и антикaпиталистички пристап, перформансот ја разглобува естетиката на заднината и нејзиниот потенцијал за отворање на нови, емотивни и политички читливи перспективи. „Атрас“ истовремено го преиспитува односот меѓу доминантната фронтална културна визија и маргиналните општествени позиции, поставувајќи прашања за срамот, вината и цензурата. Делото се надоврзува на истражувањата од проектите „The Power of S“ и „Echoes of S“, каде што Георгиев се занимава со концепти како „анално тело и политика““, пишува во најавата.

 

Тимот зад делото вклучува: музика и звук – Цветан Момчилов, светло – Пит Ајрес, графички дизајн – Асирија Алварез, адаптација на слика – Фернандо Монтиел, а продукцијата е на Беатрис Бељо. Проектот е поддржан од бројни уметнички и институционални партнери меѓу кои ЛАВ (Лабораторија за живи уметности), ICC (Имагинативен кореографски центар), Колективот Гараж, Шведскиот комитет за уметнички грантови, Владата на Канарските Острови, Културата ја движи Европа и Министерството за култура на Бугарија.

 

Последно, на 14 јуни, со почеток во 20:00 часот во КСП Јадро, ќе се одржи перформансот „Растварања / Dissolutions“ на интердисциплинарната уметница Маја Зечо.

 

Делото се изведува во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2025, во партнерство со Фестивалот за феминистичка култура Прво па женско и КСП Јадро. Dissolutions (2022 – во тек) претставува слоевит одговор на лични и колективни искуства од воен конфликт, траума и загуба, користејќи визуелно и звучно преоптоварување за да го истражи телото во состојба на неизвесност. Перформансот ја става публиката во директна средба со симболика поврзана со историјата на женска репресија на Балканот.

 

Изведбата е дел од отворањето на самостојната изложба на Маја Зечо под наслов „Незгодни иднини / Discomfited Futures“, во кураторство на Џон Блеквуд. Изложбата ќе трае до 26 јуни и ќе биде придружена со каталог.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.