Промоција на „Про музика“ и балет „Либертанго“ на „Скопско лето“

Дирекцијата за култура и уметност-Скопје денеска во рамки на „Скопско лето“ ќе ја промовира книгата „Про музика“ на музикологот Костадин Костадиновски, која содржи 150 рецензии за домашни и странски музички уметници, есеи, портрети, интервјуа, занимливости и анегдоти.

 

- Тие се историја на тридеценискиот музички живот илустриран со 50 фотографии. Изобилува со значајни настани од сите музички жанрови со широк стилски дијапазон. Пишувана е по иста концепција како и неговата публикација објавена пред четири години која наиде на широк интерес и квалитетно ја дополни и онака дефицитарната литература од подрачјето на музиката, соопшти ДКУС. 

 

 На програмата на скопскиот летен фестивал е и танго-балетот „Либертанго“ на музика на Астор Пјацола, кој МОБ премиерно го изведе минатиот месец.  Претставата ја расакажува животната приказна на овој композитор и почетоците на тангото во неговата родна Аргентина во втората деценија на 20 век.

 

Автор на либретото и режисер на претставата е Наташа Поплавска, кореографијата е на Сабрина Боско од Италија, костимограф и автор  на сценографијата е Александар Ношпал, а на  светло-дизајнот - Милчо Александров.

 

Ликот на композиторот Пјацола во три животни периоди - дете, млад и стар го играат Марко Здравковски, Симоне Џиролети и Драган Кочовски. Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили настапуваат во улоги на неговите родители Асунта и Висенте, а тројца познати аргентински танчари ги играат: Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и Марија Јосифовска-Ристовска. Во улоги на танго-танчари и танчарки, италијански емигрантски фамилии  учествуваат триесетина балетски играчи.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.